Шумата е исечена „регуларно“, а дрвата се за огрев на жителите, велат од Владата по протестот во Љубојно
Шумата кај преспанското село Љубојно, поради чиешто сечење жителите вчера протестираа, е „регуларна сеча на нискостеблен даб во одделите 29 и 30, во шумско-стопанската единица Пелистер Брајчино“, велат од Владата за „СДК.мк“.
Препорачано
„Дабот има сечна зрелост (возраст) согласно сите научни принципи и оваа сеча е една од стотина вакви сечи во Македонија. Притоа, испочитувана е целокупната законска процедура и контроли со кои се гарантира дека шумата природно ќе се обнови. Направен е премер од стручни лица после кој е направен посебен план, рецензиран од стручна комисија и е одобрен од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство“, велат од Владата за порталот.
Оттаму додаваат дека за сечењето била ангажирана професионална лиценцирана фирма избрана на јавен тендер, која работите ги извршува под стручен надзор на Национални шуми. Дрвата биле наменети за снабдување на локалното население со материјал за огрев.
Вчера, жителите на Љубојно излегоа на протест против, како што рекоа, „еколошката и инфраструктурна катастрофа“ што му се заканува на селото од прекумерното сечење на шумата.
„Се сече на нула, гола сеча, како фудбалско игралиште се прави шумата. Шумското претпријатие дало концесија на некоја фирма и сечат по 30 кубици односно 4-5 големи камиони товарени со дрва секој ден. Тоа е катастрофа за селото, бидејќи водата при поголем дожд ќе се слива во Љубојно. Патот кој е селски, не е јавен, се оштетува. Резерварот за вода е подолу и при поголем дожд ќе се контаминира“, рече вчера Цане Лембовски, дел од групата која протестираше.
Жителите најавија и порадикални протести доколку сечењето продолжи во ваков обем.
Протестираа жителите на Љубојно, велат дека концесионерот ја сотрел шумата над селото


