Сараево, протест / Фото: принтскрин

ВИДЕО | Протести го тресат Сараево: граѓаните ја бараат снимката од трамвајската несреќа

Граѓаните, на масовниот протест во главниот град на Босна и Херцеговина, бараат оставки од сите одговорни во целиот синџир на системот за јавен превоз, воспоставување квалитетен и безбеден јавен превоз и целосно запирање на приватизацијата во овој сектор.

Веќе шести ден по ред граѓаните протестираат во Сараево поради стравичната трамвајска несреќа што ја потресе Босна и Херцеговина, а студентите бараат објавување на снимката од моментот на несреќата, објави „Дневни аваз“.

Стар трамвај, возило што со децении се движело по истите шини, излета од колосек и ја покоси постојката. Во несреќата загина 23-годишно момче, уште помлада девојка остана без нога, а има и други повредени.

Граѓаните се собраа на протест кај Националниот музеј на Босна и Херцеговина, каде што студентите и средношколците побараа целосна и транспарентна информација за истрагата, вклучително и податоци за сервисирањето на трамваите и видеоснимка од камерата што го регистрирала трамвајот во моментот на несреќата.

Демонстрантите бараат и оставки од сите одговорни во целиот синџир на системот за јавен превоз, како и воспоставување квалитетен и безбеден јавен превоз и целосно запирање на приватизацијата во овој сектор.

Старите трамваи се повлечени

Министерот за транспорт, Аднан Штета, во вторникот изјави дека сите стари чешки трамваи се повлечени од сообраќај и дека нема да бидат вратени во употреба додека не се извршат сите проверки. Тој вети дека резултатите од контролите и сервисирањето ќе бидат јавно објавени пред нивното повторно пуштање во сообраќај.

Оваа несреќа доведе до сериозна политичка дестабилизација. Премиерот на Сараевскиот кантон, Нихад Ук, во неделата поднесе оставка, со што падна целата кантонална влада. Оставка поднесе и директорот на јавното сообраќајно претпријатие ГРАС, Сенад Мујагиќ.

— Ниеден трамвај нема да биде пуштен во сообраќај додека јавноста не ги види резултатите од анализата и сертификацијата на сите возила. Јавноста ќе биде информирана за сè. Доколку некој се обиде да го спречи тоа, повторно ќе ја известиме јавноста. Новата структура на управување мора да овозможи целосна истрага и соработка со Обвинителството во врска со оваа трагедија. Конечно, мора да се воспостават процеси што ќе гарантираат ваква трагедија никогаш повеќе да не се повтори — порача Ук.

Снимката е доказен материјал

Обвинителството на Сараевскиот кантон во понеделникот соопшти дека видеоснимката од камерата во трамвајот, која се анализира по наредба на обвинителите, претставува доказен материјал и дека нејзиното јавно објавување може да ѝ наштети на истражната постапка поради сложеноста на случајот.

Истовремено, Обвинителството чека судска наредба за обезбедување и за изземање на снимките од видео-надзорот на други објекти блиску на местото на несреќата.

ВИДЕО | Камера од автомобил ја снимила трамвајската несреќа во Сараево

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот