Протест во Враништа фото МИА

Протест во Враништа, жителите бараат канализациска мрежа и нов водовод

 Со блокада на регионалниот пат Струга – Дебар денеска и вчера во периодот од 16 до 17 часот, жителите на струшкото село Враништа го изразија незадоволството за немањето канализација и застарената водоводна мрежа.

Претседателот на месната заедница „Враништа”, Иванчо Милески вели дека иако последните куќи се само 200 метри оддалечени од колекторскиот систем на општина Струга, селото не е приклучено на него. Проблем за жителите на ова струшко село, како што додаде, е и немањето доволно вода од водоводниот систем, посебно во летниот период, поради, според него, старата и дотраена водоводна мрежа.

– На само еден километар од центарот на селото или 200 метри од последната куќа се наоѓа градскиот колекторски систем, но ние не сме поврзани на него. И покрај сите предизборни ветувања во 21 век немаме канализациска мрежа. Дополнително, во летниот период немаме доволно вода од водоводната мрежа, која е стара 50 години. Кога ќе ги пуштиме чешмите често тече рѓа од цевките, изјави Милески.

Месната заедница, како што нагласи, доставила барање до Општина Струга и Министерството за транспорт и врски пред 15 дена, но досега не добиле одговор. Мештаните велат дека доколку институциите немаат слух за нивниот проблем за две недели ќе ги радикализираат протестите.

– Ќе го блокираме патот Струга – Дебар кај Шумски мост и граѓаните ќе мора да бараат други алтернативни патишта по селата за да стигнат до саканата дестинација. Во краен случај ќе го блокираме и колекторот, со што ќе се блокира канализациската мрежа на цела општина, додаде Милески.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот