„Проста и строга македонска песна” на Конески пристигна во Белград

Примероците од албумот им беа подарени на Македонците во Србија/Фото: Слободен печат

Легендарниот албум со поезија на нашиот великан Блаже Конески – „Проста и строга македонска песна”, кој годинава, по цели 40 години од винилното издание беше објавен и на компакт-диск, кој преку „Слободен печат” во чест на празникот 8 септември – 30 години самостојна Македонија, и беше подарен на македонската читателска публика, пристигна и во Белград.

Благодарение на дискографската куќа „Југотон Кроација Рекордс“ и нивната претставничка Наталија Цајиќ, примероците од албумот им беа подарени на Македонците во Србија, а по тој повод претставничката на Македонското здружение во Белград, Зорица Митровиќ ја посети култната продавница на „Југотон” во Нушиќева.

На средбата се зборувало за македонската култура, песни, уметност, како и за великаните – писателот Блаже Конески, и музичарот и актерот Зафир Хаџиманов.

И, токму во издание на „Југотон Кроација Рекордс” беа објавени и албумот со поезија на Конески – „Проста и строга македонска песна”, во чест на 100 години од раѓањето на Блаже Конески, и реиздание на компакт-дискот на Хаџиманов – „Зафир пее, Македонија пее”, оригинално објавен во 1986-та, со поезија од македонските автори.

ЦД со поезијата на Блаже Конески/ Фото: Слободен печат

Претседателката на Македонското здружение во Белград, Зорица Митровиќ, ја истакна важноста на соработката на полето на културата меѓу луѓето и народите и изрази надеж дека тежок период e зад нас. Таа најави нови приказни и промоции, на кои многумина ќе ги израдуваат.

Госпоѓа Митровиќ особено беше трогната од спотот на Зафир Хаџиманов за песната „Саноќ седам Трено”, кој неодамна беше објавен во продукцијата CroRec Digital.

– Многу слушав за вашата уметност и за луѓето од Македонија. Поминав неколку дена на Охрид-фест и се уверив во добрината и во ведриот дух на луѓето. Бев воодушевена и од храната, и од виното.

Зорица Митровиќ и Наталија Цајиќ во „Југотон“ во Белград/Фото: Слободен печат

Сепак, најубавите приказни за македонските песни ги слушав од големиот уметник Зафир Хаџиманов, чие ЦД „Зафир пее, Македонија пее” со задоволство го реиздадовме. Времето минува, но мислам дека уште не го прифатив неговото заминување. Сега, кога ќе се сетам на него, се насмевнувам. Покрај големата уметничка личност, Зафир имаше и позитивен и благороден дух. Добрата енергија на овој драг човек секогаш ќе биде со нас. Госпоѓа Сенка Велетанлиќ сè уште зрачи со таа благородност, посебна дарба и чувство за убавина. Кај нејзе се е уметност. Тие се уникатни луѓе. Господа. Можеби ова е лично, но тие двајцата трајно ме затоплија со својата нежност и љубезни разговори. Луѓето секогаш ќе ги сакаат нивните песни и ќе ја почитуваат нивната работа – изјави Наталија Цајиќ, претставник на „Југотон Кроација Рекордс” за Србија, изразувајќи благодарност до Иван Беќковиќ, кој е максимално посветен соработник на „Југотон – Кроација Рекордс” во Македонија, како и на новинарот Зулфи Назифовски, хроничарот на големи приказни.

Видео на денот