Насуканиот кит Тими во Германија - Фото: Принтскрин/ Јутјуб

Пронајдено телото на китот Тими, чие спасување го следеше целиот свет

Телото на угинатиот грбав кит Тими, чија судбина со недели го привлекуваше вниманието на светската јавност, е пронајдено во близина на данскиот остров Анхолт, потврди данската Агенција за заштита на животната средина, пренесува „Гардијан“.

Со тоа официјално е потврдено дека станува збор за истиот кит кој претходно беше насукан во германските води, во близина на покраините Шлезвиг-Холштајн и Мекленбург-Западна Померанија, каде што со недели траеше драматична акција за негово спасување. Конечната потврда пристигнала откако службеници успеале да го пронајдат уредот за следење прикачен на телото на китот.

„Многу луѓе беа длабоко загрижени за судбината на животното и се надеваа дека ќе биде можно да се врати во дивината. И јас ја делев таа надеж“, изјавил германскиот министер за заштита на животната средина Тил Бакхаус.

Младиот грбав кит долг околу десет метри стана светска сензација откако пред речиси два месеца беше забележан насукан на песочен нанос кај плажата Тимендорфер, во плитките води на германскиот брег. Додека неговата здравствена состојба се влошувала, германските власти во еден момент се откажале од обидите за спасување, сметајќи дека животното нема да преживее. Сепак, по силниот притисок од јавноста, двајца германски милионери понудиле да ги покријат сите трошоци за нов обид за спасување.

Акцијата, чија вредност се проценува на околу милион и пол евра, вклучувала префрлање на китот во баржа наполнета со вода, која потоа била влечена со брод од Визмарскиот Залив кон подлабоките води на Северното Море во близина на Данска.

Но, бројни експерти уште тогаш предупредувале дека шансите Тими да преживее се многу мали. Меѓународната комисија за китови оценила дека спасувањето е „непрепорачливо“, бидејќи животното било во исклучително лоша состојба. Стручњаци од Океанографскиот музеј во германскиот град Штралзунд исто така сметале дека китот требало да биде оставен мирно да угине, без дополнителен стрес.

Младиот кит бил опишан како исцрпен, слаб и покриен со рани по неколкунеделниот престој во вода со ниска соленост, а постоеле сомнежи и дека делови од неговата уста биле заплеткани во рибарска мрежа.

Директорот на музејот, Буркард Башек, предупредил дека обидот за спасување претставува „чиста суровост кон животните“.

По ослободувањето од баржата на 2 мај, спасувачите тврделе дека Тими пливал во правилна насока и дишел нормално. Сепак, подоцна се појавиле информации дека уредот за следење не функционирал, а се поставиле и сериозни прашања околу начинот на кој китот бил пуштен на слобода. Во германските медиуми се појавија тврдења дека не е јасно дали китот сам отпливал или едноставно бил оттурнат од пловилото. На социјалните мрежи имаше и обвинувања дека екипажот сакал што побрзо да се „ослободи од проблемот“.

Една од финансиерките на спасувачката акција, Карин Валтер-Момерт, претходно изјавила дека китот „покажувал волја за живот“, но подоцна таа и кофинансиерот Валтер Гунц јавно се дистанцирале од начинот на кој било спроведено ослободувањето. Ветеринарката Кирстен Тенис тврди дека не ѝ било дозволено да присуствува на моментот кога китот бил пуштен и дека тоа било направено „прерано и во тајност“.

Според првичниот план, Тими требало да биде ослободен подалеку на запад, во отворен дел од Северното Море, но достапните податоци покажуваат дека бил пуштен околу 70 километри северно од данскиот град Скаген, во област со интензивен бродски сообраќај. Капетанот на влечниот брод „Робин Худ“ изјавил дека само ги следел наредбите и признал дека жали што учествувал во акцијата, нагласувајќи дека компанијата прво била пофалена, а потоа обвинета за злоупотреба на животни.

Телото на Тими било пронајдено околу 70 километри јужно од местото каде што бил пуштен пред две недели.

Данските власти соопштија дека засега немаат планови за отстранување на телото ниту за обдукција, бидејќи не претставува опасност за околината. Воедно, тие ги предупредија луѓето да не му се приближуваат поради можност од зарази.

Милионери го финансираат последниот обид за спасување на насуканиот кит Тими во Германија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот