Илустрација/Фото: Принтскрин/Јутјуб

Пронајдени остатоци на луксузен пароброд исчезнат во езерото Мичиген пред повеќе од 150 години

По повеќегодишна потрага, откриени се остатоци на луксузниот пароброд „Lac La Belle“, кој потонал во силна бура кон крајот на 19 век во езерото Мичиген. Организацијата „Shipwreck World“’ соопшти дека тим предводен од искусниот ловец на бродоломи Пол Ехорн од Илиноис ги пронашол остатоците уште во октомври 2022 година, на околу 32 километри од брегот, меѓу градовите Расин и Кеноша во сојузната држава Висконсин. Објавата била одложена за да се изработи и 3Д видео-модел на бродот, пренесува „АП“.

Ехорн, кој има 80 години и трага по исчезнати бродови уште од тинејџерски денови, изјавил дека по „Lac La Belle“ трага уште од 1965 година. Клучната насока ја добил од колега истражувач, по што со помош на страничен сонар го лоцирал бродот за само два часа пребарување.

Паробродот бил изграден во 1864 година во Кливленд, Охајо и пловел на релација меѓу Кливленд и езерото Супериор. Ноќта на 13 октомври 1872 година, додека пловел од Милвоки кон Гранд Хејвен во Мичиген со 53 патници и членови на екипажот, како и товар со јачмен, свинско месо, брашно и виски, бродот почнал да прима вода за време на силна бура. И покрај обидот да се врати назад, огромните бранови ги изгаснале котлите, а неколку часа подоцна бродот потонал со крмата напред.

Еден од чамците за спасување се превртел при пристигнување до брегот и загинале осум лица, додека останатите преживеани успеале да стигнат до копното долж брегот на Висконсин.

Според Ехорн, надворешноста на остатоците е покриена со школки, но трупот е речиси недопрен, а внатрешноста од дабово дрво е зачувана во добра состојба.

Се проценува дека во големите езера има меѓу 6.000 и 10.000 бродоломи, од кои повеќето сè уште не се откриени. „Lac La Belle“ е 15-от брод што го пронашол Ехорн.

„Ова беше уште еден брод што можев да го означам како завршен. Сега продолжуваме понатаму – секој следен е сè потежок“, изјавил тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот