Реконструирана ДНК на жена преку приврзок стар 20.000 години

Фото: Instagram/ Max Planck Gesellschaft

Приврзок за ланче направен од заб на елен се покажа како вистински извор на генетски информации оставени од една древна жена која живеела во Сибир пред околу 20.000 години. Антрополозите од Институтот „Макс Планк“ во Германија пронајдоа метод со кој безбедно испитуваат ДНК од старите артефакти во животната средина без да ги уништат и го применија на парче накит, пронајдено во познатата Денисова пештера во Русија во 2019 година. Освен фрагментите од хромозоми на жената, друга трага не е откриена. Сепак, гените што ги апсорбирал приврзокот од нејзината пот и клетките на кожата ги наведуваат експертите да помислат дека таа припаѓала на старата група од Северна Евроазија од палеолитот.

Фото: Instagram/ Max Planck Gesellschaft

Неверојатното откритие ја отвора идејата дека другите праисториски артефакти направени од заби и коски се неискористен извор за генетски материјал од минатото. Тие би можеле да ни откријат информации за тоа како нашите предци некогаш ги користеле и носеле предметите во далечното минато.

„Нашата работа редефинира како културните и генетските записи можат да се поврзат во праисториската археологија“, пишуваат авторите на анализата.

Оваа најнова иновација во екстракцијата на ДНК користи специјална мешавина на хемикалии за да навлезе во артефактите, направени од заби или коски, исфрлајќи ги фрагментите на ДНК длабоко скриени внатре.

Фото: Instagram/ Max Planck Gesellschaft

„Може да се каже дека создадовме машина за измивање на антрополошки артефакти во нашата лабораторија. Со миење на артефактите на температура до 90 степени, можеме да извлечеме ДНК од водите за миење, додека артефактите ги одржуваме недопрени.“, објаснува антропологот Елена Есел од Институтот „Макс Планк“.

Тимот од „Макс Планк“ сега планира да ја користи својата неинвазивна техника на повеќе праисториски предмети кои се направени од коски или заби. Со овие ДНК анализи, се надеваат дека ќе се откријат нови заборавени слики од минатото.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот