Бошко Грујоски, директор на Кинотеката

Промовирана е поштенска марка со голема симболичка вредност за Кинотеката на Македонија

По повод значајниот јубилеј – 50 години постоење на Кинотека на Македонија, на 8 април во просториите на Кинотеката се одржа свечена промоција на нова поштенска марка, изработена од авторот Лазе Трипков.

Баба Деспина повторно влезе во историјата. Овојпат како лик на поштенска марка што АД Пошта ја издаде по повод 50 години Кинотека на Македонија. Новата поштенска марка беше промовирана на 8 април во просториите Кинотеката.

На настанот се обратија директорот на Кинотеката, Бошко Грујоски, директорот на Поштенски сообраќај во АД Пошта, Бојан Кереместевски, како и раководителот на Архивот на Кинотеката, Игор Старделов.

Автор на дизајнот на марката со номинална вредност од 48 денари е Лазе Трипков. Со процес на современ графички дизајн, на марката, всушност, е претставен првиот кадар снимен со кинематограф во Македонија, односно првата жена овековечена во нашата филмска историја, мајката на браќата Манаки – Деспина, која живеела 114 години и била сведок на преминот низ 18, 19 и 20 век.

Поштенската марка претставува симболично признание за сето она што Кинотеката го има создадено и сочувано низ годините. „Кинотеката претставува незаменлив столб и чувар на филмската уметност во Македонија. Почитувајќи го јубилејот, но пред сѐ, вложениот труд на генерации вработени кои ја обликувале и сѐ уште ја обликуваат филмската свест и уметност, одлучивме да испечатиме поштенска марка по повод петдеценискиот јубилеј“, истакна Бојан Кереместевски.

Изразувајќи благодарност до АД Пошта, Бошко Грујоски потсети на значењето и историјата на Кинотеката, додека приказната за баба Деспина ја раскажа Игор Старделов, кој повеќе од десет години се занимавал со филмското творештво на браќата Манаки. Промоцијата на марката е дел од програмата со која Кинотеката го одбележува својот јубилеј.

Игор Старделов, раководител на Архивот на Кинотеката

На 29 април 1974 година е објавен Законот за формирање на Кинотеката на Македонија. Официјално, Кинотеката ја започнува својата работа во 1976 година, како институција од посебен интерес за Републиката, со задача да прибира, обработува, чува, заштитува и презентира филмови и филмски материјали од посебно уметничко, културно, научно, историско и друго општествено значење. Со цел да се реализира вака дефинираната дејност, Кинотеката на Македонија комплетно е финансирана од Министерството за култура при Владата на Република Македонија.

Во 2005 година Кинотеката се пресели во нови простории на ул. „Никола Русински“ бр.1. Архивските материјали, односно целокупната македонска филмска продукција (од 1905 година до денес), како и филмовите снимени од странски автори во Македонија во периодот до Втората светска војна, се чуваат во посебен оддел, во депоа со контролирана температура од 4 до 6 C° и соодветна влажност. Останатите филмски материјали се наоѓаат во кинотечните депоа во околината на Скопје.

Во Кинотеката на Македонија постојат два сектора. Филмски архив или Сектор за прибирање, заштита, чување и обработка на филмови и филмски материјали и придружна филмска документација, како и Сектор за истражувачка, издавачка, јавна и меѓународна дејност, библиотечна дејност и филмска програма.

Кинотеката на Македонија располага со фонд од над 15.000 филмски копии, повеќе од 72.000 парчиња пропаганден материјал, фотографии и плакати, како и повеќе од 100.000 пишувани документи. Во состав на Кинотеката е и специјализираната библиотека со над 4.500 книги и списанија за историјата и теоријата на филмот, како и 32.500 прес-клипинзи. Кинотеката располага и со колекција на стари кинематографски апарати. Кинотеката е членка на Меѓународната федерација на филмски архиви (FIAF), Европската асоцијација на кинотеки (ACE) и на асоцијацијата „Јуроп синемас“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот