Промовирана е новата збирка колумни „Дремка за двајца“ од Братислав Димитров

Драмскиот писател, драматург и колумнист Братислав Димитров објави нова книга со свои нови и некои постари колумни. Книгата „Дремка за двајца“ ја дополнува низата на претходно објавените пет книги со колумни: „Малку блуз за твојата душа“, „Најважната работа на светот“, „Симни го малку небото за да се качам“, „Последните акорди на тишината“ и „Рецепти за осаменост“.

Тој е еден од ретките автори во светот кој еднакво е читан од млади и стари, богати и сиромашни, монахињи и монаси, криминалци и проститутки, академици и работници. Неговите колумни ќе ве насмеат, замислат, а понекогаш ќе предизвикаат и тага, не носталгија, за некои минати времиња.

Со пишување колумни почнал да се занимава уште од 1969-71 година во тогашниот студентски весник „Фокус“, а потоа во „Жена“, „Дневник“, „Утрински весник“, „Теа модерна“, „Публика“ и „Радио Слободна Македонија“. Дипломирал на ФДУ во класата на Љубиша Георгиевски. Напишал 11 драмски текстови кои се изведени на театарските сцени кај нас и во странство. Заедно со Петар Темелковски и Петар Мирчевски го измислил правецот „џукелизам“.

Во неговата биографија е запишано и дека носи мустаќи од 1971 година. Живеел и работел во Лондон, Амстердам, Норвешка и т.н. како келнер, возач на виљушкар, продавач на бензин. Бил кандидат за градоначалник на Скопје. Триесет и осум години бил драматург во Македонскиот народен театар и две години директор на Театарот за деца и младинци. Засадил седумнаесет дрвја пред зградата во која живее.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 102, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-24 октомври 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот