Промовирана е монографијата „Кодот на Преспа“ од Борјан Јовановски

Фотографија: Хелсиншки комитет за човекови права

Монографијата „Кодот на Преспа, Приказна за ’загубениот пат‘“ од авторот Борјан Јовановски, во издание на Хелсиншкиот комитет за човекови права, беше промовирана на 30 јануари во Социјалниот центар „Комитет“. Промотори на книгата беа историчарот Петар Тодоров и Вергим Шерифи, родум од Наколец.

– Ракописот „Кодот на Преспа“, во кој се поместени неколку интервјуа во кои се говори за побратимствата помеѓу поединци и семејства од различно етничко и религиско потекло што се негуваат со генерации во Преспа, а денес препознаени како посебна вредност на културата на живеење во пределот, се навистина „специфичниот код на Преспа“. Новинарот Борјан Јовановски, чијашто фамилија потекнува од Преспа, ја препознал вредноста на побратимството како општествена институција во културното и историското живеење на областа, па направил неколку интервјуа со припадници на семејства побратимени со генерации, со цел да го истакне овој феномен како еден од носечките столбови на културата на воспитување на помладите генерации со примери од минатото и начинот на живеење на Преспанци како основа за добар соживот и заемно почитување – пишува во предговорот кон ова издание професорот Љупчо С. Ристески.

Монографијата е издадена во рамки на проектот „Соживотот не е мит – поуките од Долна Преспа“, кој го спроведува Хелсиншкиот комитет за човекови права и е дел од проектот „РЕКОМ мрежа на помирување“, финансиран од Европската Унија. Проектот се занимава со помалку познатите колективни мемории и актуелни односи на различните етнички и верски заедници во Северна Македонија.

Наспроти општоприфатените опсервации за меѓуетничките односи во Македонија како потенцијални генератори на нестабилност, овој проект имаше за цел да ги приопшти позитивните примери и модели на соживот во Северна Македонија, како што е случајот во регионот на Долна Преспа, кој би требало да послужат како пример и инспирација за денешните генерации за креирање на социјални механизми кои ќе овозможат културниот и верски диверзитет да бидат прифатени како шанса за градење на динамична и културолошки богата општествена средина, известија од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 165, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5 февруари 2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот