Атанас Конески, Марија Латиновска, Владимир Мартиновски и Гордана Војнеска на промоцијата на „Вдахновенија“

Промоцијата на седмото издание на „Вдахновенија“ од Атанас Конески помина во духот на содржината што ја носи ова дело

Промоцијата на седмото дополнето издание на книгата „Вдахновенија“, со поднаслов „Ковчеже на мудрости“ од Атанас Конески, што се одржа на 18 мај во Дом на култура „Кочо Рацин“ во Скопје, помина во духот на содржината што ја носи ова вдахновено дело.

Времето во кое живееме и брзиот развој на дигиталната технологија сѐ помалку оставаат простор да се нурнеме во морето на мудрости што ги оставиле генерациите што живееле пред нас. Сосема спротивно на времето, пак, си живее професорот Атанас Конески, кој нема профил на Фејсбук или Инстаграм, не користи имејл и го користи телефонот за да договори директна средба со луѓето со кои сака да се види.

На таков „старовремски“ начин тој ги собира, запишува или создава мудростите што се објавени во неговата книга „Вдахновенија“, со навистина пригоден поднаслов „Ковчеже на мудрости“. Досега објави седум изданија на „Вдахновенија“, а последното беше промовирано на 18 мај во Дом на култура „Кочо Рацин“ во Скопје.

Вовед кон промоцијата даде водителката Марија Јанковиќ Латиновска, промотор на изданието беше проф. д-р Владимир Мартиновски, Декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје, а свој придонес во презентацијата на мудростите сместени во книгата имаше Гордана Војнеска од издавачката куќа „Култура“ АД – Скопје.

Промоциите на книгите на Атанас Конески секогаш содржат доза на спонтаност, искреност и духовитост. Тој сака да комуницира со чесни, отворени и вдахновени луѓе, доследно следејќи ги мислите запишани во својата книга, бидејќи „вдахновените луѓе ги вдахновуваат другите со своите вдахновенија“.

Токму таков собир на вдахновени луѓе беше и промоцијата на седмото издание на неговото „ковчеже на мудрости“. Повеќемина од присутните прочитаа некоја од мислите објавени во книгата, а најподготвени за настап беа неговите внуци Ива и Никола. Водителката Марија Латиновска во неколку реченици ја истакна суштинската димензија на книгата. „Вдахновението ја допира душата, тоа е повеќе од чувство, тоа е состојба на умот, тоа е показ и патоказ за нашата умешност“, посочи Латиновска.

Предговорот кон седмото издание на „Вдахновенија“ од Атанас Конески го напиша професорот Владимир Мартиновски, кој внимателно го прочитал секој ред запишан во книгата.

– „Ако не почнеш, нема да завршиш“ – гласи една од многуте мудрости на кои наидуваме читајќи ја „Вдахновенија“ од Атанас Конески, полезна и ретка книга, книга меѓу оние најретките од жанровски аспект во македонската книжевна средина, која доживува дури седмо издание за релативно кратко време поради одличниот читателски интерес и многубројните афирмативни критички одгласи. За оваа книга само делумно важи цитираната поговорка, оти колку и пати да почнуваме да ја читаме, се чини, читањето не може да заврши: пред нас е Бескрајната приказна за потрагата по мудроста: прочитаното на секој чекор нѐ повикува да застанеме и да се замислиме. Да се преиспитаме. При секое ново читање, секоја мисла ни отвора нови хоризонти, неретко вдахновувајќи нѐ да размислуваме за најбитните нешта во нашите животи дестилирани во само една реченица – истакна Мартиновски.

Во книгата, меѓу другото, ги има и зборовите на Блаже Конески: „Во поезијата, како и во љубовта, сѐ е речено, а сепак сѐ допрва треба да се рече.“ Затоа не е тешко да се предвиди дека „Вдахновенија“ од Атанас Конески ќе доживува следни и дополнети изданија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 333, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-25.5.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот