Проколнати југословенски мисици, убавината беше нивна лоша судбина

youtube printscreen

Многу девојки сонуваат да ја освојат круната за кралица на убавината која, како што веруваат, ќе им обезбеди успешна кариера. За жал, на малкумина овој сон навистина им се исполнил во потполност. За некои убавици токму нивниот атрактивен изглед бил своевиден предзнак на тажна судбина.

Тажниот крај на скромната дубровчанка

Во 1966 година, популарното женско списание „Базар“ го организираше првиот Избор за мис на тогашна Југославија, а титлата – со едногласна одлука на житиро- ѝ припаднала на прекрасната 19-годишна убавица Никица Мариновиќ од Дубровник.

facebook, На изборот на Мис во Лондон

За „влакно“ ѝ избегала круната на изборот за убавина во Лондон, но титулата прва придружничка на Мис на светот е се уште најдобриот пласман кој го постигнала некоја девојка од овие простори. 

На Никица, како што изгледало, ѝ се отвориле сите врати, добила бројни филмски понуди, меѓутоа скромната и повлечена дубровчанка се посветила на манекенството и на модата. Сепак, не се снашла најдобро, пред се кога станува збор за приватниот живот.

По кратката врска се омажила со 10 години постариот Вук Вуча, режисер и познат „ловец на убавици“ со кого добила син, а се развеле после само три години.

Режисерите на Никица ѝ биле слаба точка, зашто набрзо потоа се омажила за Здравко Шотра. Живееле 18 години во наизглед складна заедница, а Никица родила уште едно момченце, но набргу потоа следувал уште еден развод и депресија со која се борела до крајот на животот.

Во ноември, 2008 година, пронајдена е мртва во својот дом во центарот на Белград, откако испила преголема количина на апчиња за спиење. До ден денешен, не се знае зошто преубавата Никица се самоубила.

facebook

Голема љубов уништена со трагедија

Кога во 1970 година победила на југословенскиот избор за убавина „Мис тин“, тогаш 17-годишната убавица од Сплит, Анита Батурина, го имала светот под своите нозе.

Понуди пристигнувале од сите страни, можела да избира ангажмани и момчиња, но таа одбила се, зашто се вљубила во Мишо Ковач, оженет, 12-години постар од неа, и веќе мегапопуларен пејач. Магепсан од нејзината убавина, тој веднаш се развел и ја запросил Анита штом станала полнолетна.

Се венчале со голема помпа, се вселиле во луксузен стан во центарот на Загреб, а Анита како добра домаќинка и сопруга го дочекувала и испраќала својот славен сопруг кому набрзо му родила две деца – синот Еди и ќерката Ивана.

Живееле мирно се до почетокот на 90-те години, кога на воениот фронт, под неразјаснети околности, загинал синот Еди. Било тоа почеток на крајот на љубовта и бракот за кој и двајцата тврделе дека засекогаш ќе трае.

youtube printscreen

Парот се развел откако Мишо се вљубил во друга жена, а Анита останала сама со ќерката која се препуштила на дроги.

Од борбата со тешката зависност, која траела неколку години, младата Ивана излегла како победник и се посветила на пеење. Била фронтмен на групата „Магазин“ по заминувањето на Јелена Розга, а денес е успешна соло пејачка.

Анита нашла нова љубов, но, како што своевремено изјавила, многу рани кои ѝ ги нанел животот никогаш нема да се залечат.

Скандалозниот живот на жената со совршено тело

Убавината е предмет на вкусот, но сите се согласуваат со едно – Ана Сасо, мис на Југославија во 1982 година, и една од 10-те финалистки на светскиот избор за убавина, имала најубаво тело од сите претставнички од поранешна Југославија. Високиот пласман во Лондон ѝ донел филмска понуда која ја одбила поради тогашното момче, и како што секогаш тврдела, бидејќи улогата барала да се појави во топлес издание.

И покрај инсистирањето на „невиност“, во една домашна реклама за овошен сок, излегла од вода во влажна маица, што секако ѝ донело огромна популарност, но тоа, со повремените излегувања на модните писти, бил врвот на кариерата на Ана Сасо.

Се останато се сведува на пропаднати бракови, најпрво со прочуениот сплитски угостител, со кого поминала пет години исполнети со кавги и насилство, за на крајот да избега во прегратката на еден поранешен фудбалер, кој исто така ја тепал.

Потоа се омажила за богат сопственик на туристичка агенција и изгледало како конечно да нашла спокојство. Го преуредиле луксузниот стан во елитнот дел на градот, изјавувајќи дека планираат деца, а набрзо, по само три години, како бомба одекнала веста дека сопругот ја оставил Ана и тоа поради друга жена.

Се зборувало дека очајната убавица, која поради бројните деловни промашувања, останала без пари и се лечела од депресија конзумирајќи опијати. Тогаш во нејзиниот живот влетал 4 години помладиот хирург -плејбој кој ја „донел во ред“, но љубовта пропаднала по пет години.

Ана и понатаму, повеќе од деценија, живее во станот на поранешниот партнер зашто нема каде да оди. Без ден работен стаж, се уште преубава, но не и доволно млада за да профитира од изгледот, најзгодната ју-мисица се свртила на молитвата и на своја 57 годишна возраст живее полечено.

View this post on Instagram

#havinggoodtime❤️

A post shared by Ana Sasso (@sasso.ana63) on

Жртва на бескрупулозниот Казанова

Во 1988 година, жирито на изборот за Мис Југославија воопшто не се двоумело и титулата припаднала на нежната русокоса убавица Сузана Жуниќ.

Нејзината убавина веднаш го привлекла вниманието на познатиот спортист, еден од најголемите донжуани од овие простори. Се внечале три години подоцна, Сузана родила три деца, а тогаш „верниот“ маж почнал да си го покажува вистинското лице.

Една по друга, љубовниците влегувале и излегувале од неговиот кревет, на почетокот тајно, потоа се помалку дискретно, а после некое време се случил голем скандал – разбеснетата поп ѕвезда која со месеци ја лажел дека поради неа ќе си ја остави сопругата, јавно му фрлила шампањ во лице.

Весниците биле преполни со фотографии на кои се гледа како обезбедувањето ја исфрла лутата љубовница од клубот.

Во текстовите за овој инцидент, јавно биле „пребројувани“ бројните љубовници на сопругот на Сузана, но таа пак, очајна, по којзнае кој пат му простила. Но набрзо, неверниот сопруг го напуштил станот бидејќи му сметале забелешките на Сузана, која конечно после 19 години брак полн со лаги и изневерувања, одлучила да стави точка на тој брак.

facebook

На Сузана Жуниќ ѝ било потребно многу време да се опорави од овие удари, но сепак, успела да се избори со депресијата. Денес е успешна сликарка и омажена е за познат спортски работник.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот