Производителите се снаоѓаат за месо за преработка, цените на саламите ќе растат

Profimedia

Во моментот се уште нема нови цени на сувомеснатите производи, но дел од производителите веќе почнаа да набавуваат месо за преработка за кое плаќаат царина од 20 отсто. Од Групацијата за месна индустрија при СКМ, веќе најавија дека месните преработки, ќе поскапат од 20 до 40 отсто.

По Велигденските празници, по месарниците, нема нови ценовници, а трговците велат дека и актуелните цени на саламите се прескапи за македонските потрошувачи. Слободан Кутревски, прв извршен директор на месната индустрија „Пекабеско“ за „Слободен печат“, вели дека калкулациите за цените ги прави секој индивидуално, но ако не се дозволи безцарински увоз, неминовни се поскапувања на овие производи. Според Кутревски, производителите би биле најсреќни да набавуваат домашно свинско месо за преработка, но капацитетот на домашните фарми, обезбедува само свежо месо.

-Поради појава на свинската чума во повеќе делови на светот, цената на месото за преработка расте. Генерално најголем увоз на замрзнато свинско месо во земјава има од Шпанија, Германија, Данска, Холандија и сите се снаоѓаме како знаеме и умееме. Во моментот некои од производителите ги трошат последните количини од државната квота, а некои веќе почнаа да купуваат месо за преработка на берзите и за него да плаќаат царина од 20 отсто – објаснува Кутревски.

На повтореното предупредување од домашните производители на сувомесни производи, како што веќе пишуваше „Слободен печат“, Министерството за економија, одговори дека тие треба да си обезбедат соодветна долгорочна и стратешка соработка со одгледувачите на свињи, бидејќи државава не може во недоглед да дозволува безцарински увоз на месо за преработка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот