Програма за училишен фудбал: ФФМ донираше топки за 76 училишта

Школскиот фудбал претставува основа за вклучување на децата во фудбалот воопшто/Фото: ФФМ

Во „Куќа на фудбалот“ се одржа работилница во чии рамки беше промовирана новата програма за развој на училишниот фудбал во целата држава.

Триесетина регионални координатори, директно вклучени како претставници на Федерацијата за училишен спорт, беа присутни на презентацијата на новата програма.

Проектот за училишен фудбал предвидува активно вклучување на 76 основни училишта од цела Македонија, со учество на близу 5000 деца од второ до петто одделение, меѓу нив најмалку 1000 се девојчиња.

На презентацијата свое излагање имаше техничкиот директор на млади национални селекции во ФФМ, Зоран Стратев, кој ја нагласи важноста на училишниот фудбал како основа за идна директна вклученост на младите во фудбалот, но и личен развој.

– Навистина ни е драго што по речиси двегодишна пауза поради пандемијата повторно се враќа фудбалот во училиштата. Овој проект претставува многу важен сегмент за развој и откривање на нови млади фудбалери. Школскиот фудбал претставува основа за вклучување на децата во фудбалот воопшто. Корист од ваков тип на проекти можат да имаат и клубовите. Преку проектот и се разбира натпреварите кои ќе се одигруваат клубовитеимаат можност да селектираат идни потенцијални фудбалери во нивните генерации. Ова е начин да се обидеме да им ги наметнеме на децата вистинските спортски, но и животни вредности. Живееме во време на модерна технологија, секако дека не можеме целосно, но барем да го скратиме времето кое децата го минуваат пред комјутерите и со телефоните – рече Стратев.

Програмата ја презентираше Бојан Маркоски, одговорен за грасрут активности во федерацијата, а генералниот секретар на ФУСМ ги сподели организациските аспекти на програмата, која ќе се реализира од март до мај.

Претседателот на Комисијата на базичен фудбал на ФФМ, Марјан Стојкоски, донираше повеќе од 450 фудбалски топки за училиштата вклучени во проектот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот