Проф. Борче Давитковски: Владата може да му го одземе државјанството на Онишченко, ако сака

Олександр Онишченко/Фото: Фејсбук

Професорот на Правниот факултет по управно процесно право, Борче Давитковски, за „Слободен печат“ објаснува дека постапка за да му се одземе државјанството на Олександр Онишченко во земјава постои и дека доколку се сака да се спроведе е апсолутно можна. Професорот вели дека согласно законот за општа управна постапка, органот кој го донел актот за доделување на државјанство, а во конкретниот случај на Онишченко тоа е Владата, може согласно Законот да го поништи тоа решение и да го огласи за ништовно кога е очигледно повреден материјалниот закон.

-Со самото добивање државјанство, лицето станува граѓанин на Република Северна Македонија и стекнува права и обврски. Согласно законот за општа управна постапка, органот кој го донел актот за давање државјанство може да го поништи тоа решение кога е очигледно повреден материјалниот закон, вели професор Давитковски во изјава за „Слободен печат“.

Давитковски додава дека ако Владата го поништи своето решение за доделување на државјанство на Онишченко, тогаш тоа ќе има ретроактивно дејство, односно на олигархот ќе му бидат поништени и личната карта и пасошот.

-Владата може да го поништи решението за доделување државјанство. Кај поништувањето, одлуката има ретроактивно дејство и сите правни последици се бришат. Тоа значи дека се брише лицето од списокот на државјани и се бришат личната карта и пасошот. Постои и втора можност, а тоа е да се укине решението, но при укинувањето (кое е различно од поништувањето), во иднина ќе му останат и личната карта и пасошот, посочува професорот.

Тој додава дека државјанството на Онишченко е доделено во случајов по член 11 од Законот за државјанство, поради спорт.

-Треба да се провери и некој ако згрешил да одговара. Ако има грешка, тогаш тоа решение треба да се огласи за ништовно и владата е надлежна да го поништи решението, вели тој.

„Слободен печат“ вчера праша во Владата како изгледа постапката за одземање на државјанството на Олександр Онишченко во Македонија и дали владата ќе ја спроведе. Одговорот кој го добивме се однесуваше на постапката како се добива државјанство и дека во конкретниот случај четири институции дале позитивно мислење.

-Ви посочуваме дека владата ќе побара испитување на одлуката со цел да се види дали постојат други информации кои треба да бидат земени предвид за случајот, а јавноста ќе биде информирана за заклучоците, ни рекоа од владата.

Во меѓувреме дополнителни информации пристигнаа од Агенцијата за национална безбедност која во своите редови констатирала пропуст во секторот за соработка со стратешките партнери и своето позитивно мислење го дала базирано на непостоечко позитивно мислење од статешките партнери.

За двајца агенти на АНБ поради ова подготвени се две суспензии, но нивните имиња се класифицирана информација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот