Агенцијата за национална безбедност суспендира двајца вработени поради скандалот со Онишченко

Двајца вработени во Агенцијата за национална безбедност (АНБ), кои се дел од Одделот за стратешка соработка, се суспендирани поради случајот со украинскиот бизнисмен Олександар Онишченко, објави „Фокус“.
Откако директорот на АНБ, Виктор Димовски, реферираше во Собранието околу случајот, во изјава пред новинарите рече дека службеник не ја извршил потребната меѓународна консултација со НАТО-партнерите пред да даде согласност дека нема безбедносен ризик да му се додели државјанство на Онишченко.
Во исчекување директорот да реферира и на затворена владина седница, премиерот Димитар Ковачевски изјави дека повеќе институции дале зелено светло за државјанството на прорускиот украински бизнисмен, но, како што додаде, по новонастанатата ситуација, ќе побараат дополнителни информации.
Претседателот Стево Пендаровски, пак, оцени дека се работи за скандал, бидејќи, според него, податокот дека Онишченко се наоѓа на црната листа на САД не треба специјално да се обезбедува, бидејќи се работи за јавно објавена информација.