Проф. Бојаџиев: Платите во јавната администрација треба да се намалат за 20 отсто, ако не намалиме непродуктивни трошоци ќе имаме полошо сценарио

Според шефот на катедрата за бизнис администрација и поранешен ректор на Американ Колеџ, Марјан Бојаџиев, првиот и вториот сет економски мерки од државата во борбата против последиците од Ковид 19, се одлични мерки но само за два месеци.

-Проблемот е што понатаму? Мојата прогноза е песимистичка и се базира на времетраење на кризата. Макроекономистите предвидуваат на 1.јуни, 30.јуни да се вратиме во нормала, што мислам дека тешко ќе биде. Ако кризата продолжи во Германија и ЕУ, падот ќе биде многу пострашен. Постојат индиции дека фабриките во зоните и фабриките извозно ориентирани имаат многу малку налози за производство во третиот квартал, изјави професор Бојаџиев во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.

Во сетот мерки кои тој ги предлага, Бојаџиев вели на државата и е потребена 1 милијарда евра на 1 јуни, ама не за буџетски дефицит.

-Покрај економската додајте ја и политичката криза, а имаме потреба од ребаланс вчера. Нас ни треба ребаланс од 10 посто колку што ќе биде падот на БДП. Ребаланс од 300 милиони евра минус и милијарда евра плус за заживување на економијата, не за плати. Платите во јавната администрација треба веднаш да се намалат за 20 отсто. Синдикатите се бунат, а не сфаќаат дека нема да имаат за јуни ни 80 отсто што треба да ги земат ако економијата не заживее. Зборувам за намалување на платите над 24.000 денари, тврди економскиот аналитичар и професор.

Околу задолжувањето, тој не смета дека во прашање е прагот, туку дали воопшто можеме да се задолжиме и под прашање го става капацитетот некој да ја откупи домашната еврообврзница.

Иако вели, домашниот банкарски систем се покажа и во 2009 како неверојатно стабилен и сега, Бојаџиев потенцира дека подобро е за државата да донесе надворешна ликвидност.

Професор Бојаџиев е дециден дека државата треба да го скрати Буџетот од непродуктивни трошења, а да останат активните владини субвенционирања.

-Мебел, патувања во странство, затворање на ДКП во земји каде не ни треба амбасади…тоа да се скрати. Подобро е Буџетот да субвенционира проекти отколку да се купува мебел или мобилен, вели тој.

Тој ја става под прашање и бројката на невработени која може да порасне со враќањето на работната сила од земјите во ЕУ.

-Во Македонија трговскиот дефицит се покрива со дознаки од странство во платниот биланс. Немаме бројки, не знаеме колку наши работници се вратени овде, од тоа имаме дополнителен проблем. Социолошки проблеми се во прашање, ќе се зголеми невработеноста, нагласува Бојаџиев.

Тој потенцираше оти третиот сет на владини мерки ќе биде мек и дека треба да се преземат непопуларни мерки со намалување на Буџетот најмалку на нивото на намаленоста на БДП.

-Ако не намалиме додатоци, плати и непродуктивни трошоци, и покрај силните реакции, ќе влегуваме во се полошо и полошо сценарио, дециден е Бојаџиев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот