Проект „Танц. Трансформатор“ за реобмислување на локалната танцова заедница

„Битрикс културен центар“ почнува голем едногодишен проект во чии рамки ќе се реализираат три танцови продукции, од кои две со интернационални кореографи, а една со Ивана Балабанова како локален кореограф.

Големиот танцов проект со наслов „Танц. Трансформатор – Реобмислување на локалната танцова заедница“, поддржан од Амбасадата на Швајцарија и Агенцијата за развој и културна соработка, ќе биде реализиран во текот на 2023 година од страна на „Битрикс културен центар“ преку „Платформа Битрикс“.

Креаторите на проектот поаѓаат од идејата да се реобмисли локалната современа танцова заедница како обид за надминување на недостатоците, меѓу кои се наоѓа и потребата за генерирање повеќе платени можности за професионалните танчари поради непостоењето институции што можат да ги вработат и/или да ги ангажираат континуирано, а со тоа и да се обезбеди континуитет и одржливост на оние кои професионално се занимаваат со танц.

Така, проектот предвидува можност за професионален развој и платен ангажман на професионалните танчари од локалната сцена преку продукциски ориентирани резиденции со локални и интернационални кореографи, како и можности за национални и регионални турнеи што ќе овозможат континуитет на квалитетен професионален ангажман, неопходен за развојот и афирмацијата на танцовата уметност кај нас.

– По објавувањето на отворените повици, проектот забележа огромен број апликации од интернационални кореографи со неверојатен квалитет. Истовремено, со проектниот координатор Мааике Феккес и финансискиот менаџер Павел Маслов, одржавме неколку инфо-сесии со танчарите од локалната сцена и интересот е неверојатен. Очекуваме успешна сезона и се радуваме што во рамките на овој проект повеќе од 100 танчари од земјата ќе добијат шанса за работа и учество во овој проект. Среќни сме што оваа иницијатива беше препознаена од Агенцијата за развој и соработка на Швајцарија. Долго време работиме на тоа да ја сплотиме локалната танцова заедница, па се надеваме дека ова ќе биде успешен почеток – потенцира уметничкиот директор Ивана Балабанова.

Сите заинтересирани професионални, полупрофесионални танчари и студенти имаа можност да се пријават за учество во тридневна работилница, која ќе се одвива во периодот од 9 до 11 јануари 2023 година во Скопје. По завршувањето на работилницата, на најдобрите седум ќе им биде овозможено учество во тринеделна, интензивна и платена танцова резиденција под водство на интернационален кореограф, којашто ќе се заокружи со премиера на танцов перформанс во Скопје на почетокот на февруари 2023 година.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 157, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 3-4 декември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот