Продале сè и платиле за луксузно крстарење кое се откажало: Сега немаат каде да живеат
Кара и Џо Јусеф од Охајо биле воодушевени кога слушнале за патувањето на „Миреј Крузес лајф ет си“ (Miray Cruises Life at Sea), на кое требало да тргнат на 1 ноември и да поминат 1.095 дена на море, застанувајќи на 382 пристаништа низ светот. Тие ги продале двата станови и ја потрошиле речиси целата своја животна заштеда, за неколку дена пред нивното крстарење да им биде кажано дека патувањето е откажано, пренесува „Дејли меил“.
Препорачано
Парот сега е заглавен во хотел во Истанбул и чека да си ги вратат парите.
“Нѐ влечеа и нѐ натераа да се надеваме до последен момент. Продадовме сѐ што имавме за да го оствариме овој сон. Се чувствуваме целосно поразени”, изјавила Кара за „Њујорк тајмс“ (The New York Times).
Инаку, идејата за крстарење што ќе плови низ светот потекнала од претприемачот Микаел Петерсон во јуни 2022 година. Тој го контактирал сопственикот на „Миреј“, Ведат Угурлу, кој предложил брод што има 400 кабини и може да прими до 1.000 патници.
Компанијата го најавила крстарењето во март 2023 година и покрај високите цени стотици луѓе почнале да ги резервираат своите кабини, чија цена се движи од 90.000 до 975.000 долари.
Но, проблемите се појавиле поради загриженоста за количината на гориво што ќе биде потребно за да се стигне до дестинацијата. Отприлика во исто време, компанијата имала проблеми со „обработка на трансакции со кредитни картички“.

Во услови на тековни тензии, Микаел ги прекинал врските со линијата за крстарење и „Миреј“, предизвикувајќи го парот Јусеф да се грижат за илјадниците долари што веќе ги платиле.
„Се чувствувавме навистина нервозни. Тие разговараа со другите патници и со потпретседателката на ‘Миреј’ за стратегија за развој на бизнисот, Кендра Холмс. Таа им даде надеж дека сепак ќе има крстарења“, рече Кара.
„Кендра беше многу убедлива и посветена. Беше многу реална, додека Микаел ни ветуваше кули и градови“, вели парот. Во јуни од компанијата соопштија дека има невидена побарувачка за крстарење и дека бараат дополнителен брод за сместување на сите заинтересирани. Кара на 16 ноември дознала дека бродот со кој оделе на крстарење го купила друга компанија, а потоа откриле и дека Кендра дала отказ од работата во „Миреј“.
Друга патничка, 68-годишната Мери Радер, подигнала 80.000 долари од заштедата за да плати за крстарењето. Но, таа никогаш не ја добила фактурата за плаќање на патувањето.
„Тогаш сфатив дека нешто не е во ред, но останав заробена затоа што веќе ја извршив уплатата“, рекла таа.
На почетокот на декември, Ведат Урглу потврди дека крстарењето е откажано поради долгови и недостаток на средства.
„Се обидовме да најдеме решение, но на крајот на денот не успеавме да добиеме инвеститори“, изјавил тој.
До 28 декември, кога парот даде интервју за медиумите, тие не добиле рефундација на средствата.
Рокот за рефундирање на парите бил 22 декември, а кога поминал тој датум, од компанијата соопштиле дека имаат проблеми со банката. Тие престојувале во Истанбул во хотел кој го платила компанијата која го организирала крстарењето.
„Наскоро би можеле да останеме бездомници“, изјавила Кара.


