Пробивањето на „Илинденска“ и кружниот тек кај Мавровка се сѐ понеизвесни

фото: Слободен печат

Колони возила, свирење на автомобилски сирени, нервозни возачи… ова е сликата на голем дел од сообраќајниците во Скопје.

Возачите бараат решавање на овој секојдневен проблем, а спас од сообраќајниот хаос гледаат во кружните текови, со кои се овозможува поголем проток на возила од класичните крстосници, што го потврдува и досегашната практика.

Изградба на нов кружен тек кај трговскиот центар „Мавровка“ пред две години најави првиот човек на Градот, Петре Шилегов.

„Крстосницата кај универзитетскиот и судски комплекс е една од најоптоварените во градот Скопје. Возилата што чекаат да се вклучи зелената светилка на семафорите, значително влијаат врз загаденоста на воздухот, поради зголемената емисија на гасови. За да се зголеми протокот на крстосницата, ќе направиме денивелација на сообраќајните ленти кои се вкрстуваат, а пешаците и велосипедистите ќе ги одвоиме на посебни и безбедни коридори, кои ќе им овозможат побрз премин над раскрсницата“, стои во предизборната програма на Петре Шилегов.

На половина од неговиот мандат, на оваа локација сѐ уште не се започнати градежни активности за реализација на ова ветување. „Слободен печат“ го праша градоначалникот Шилегов, дали хаосот во правец кон Бит пазар и кон МАНУ, ќе се реши со изградбата на најавениот кружен тек.

– Даден е налог до службите, се завршува ДУП-от на Центар, за инфраструктурниот проект за „Мавровка“ која што треба да биде голем кружен тек со еден т.н. форсиран правец од Бит пазар кон МАНУ. Значи, луѓето што би оделе право од МАНУ кон Бит пазар или од Бит пазар кон МАНУ би возеле преку мост, а долу би бил големиот кружен тек. Очекувам дека пролетва ќе започнат градежните работи – изјави Шилегов.

Еден од капиталните проекти кои скопјани со нетрпение го очекуваат, а го најавуваше и претходниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски, е пробивањето на Илинденска.

„Пробивањето на булеварот „Илинденска“, со мост над реката Вардар, кон „Ѓорче Петров“, и поврзувањето со обиколницата, ќе обезбеди нејзина поголема искористеност. Жителите на населбите „Даме Груев“, „Ново село“, „Кисела јабука“ и Волково, во рамките на општината „Ѓорче Петров“, ќе се поврзат со општината Карпош и полесно сообраќајно ќе комуницираат со центарот на градот и со неговите содржини. Сите граѓани имаат право да бидат поврзани“, стои во програмата на Шилегов.

Во врска со овој проект, Шилегов вели дека пробивањето на „Илинденска“ е возможно само ако Градот најде пари, што е многу тешко, да направи висечки мост долг 350 метри, а тоа нема економска логика поради постоењето на бунарите на Лепенец.

– Таму не можеме ни фундаментите да ги поставиме, зашто тоа е прва заштитена зона, дел од водоснабдувањето – рече Шилегов, и најави „некаков вид на бај пас за овој проект“.

– Завршена е ревизијата по проектирањето и јас очекувам дека во јануари ќе биде распишан тендерот за почеток на градбата на некаков вид на бај пас, почеток на избор на изведувач на мостот кој што кај Сити мол, по „Московска“ ја пресекува „Илинденска“, оди кон Злокуќани и перспективно треба да се спои со булевар „Словенија“ и да заврши во Волково, и тука ќе го направиме тој бај пас за кој зборуваме – вели Шилегов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот