Пробајте го рецептот на Стефанија Несторовска – посна пита од јаболка

Фото: Приватна архива

Благодарение на вештите раце и инвентивноста на младата Стефанија Несторовска што стои зад инстаграм-профилот и блогот snestorovska.com, секогаш имаме можност да пробаме нешто интересно и несекојдневно. Денеска уживајте во неповторливиот вкус на овој десерт – посна пита од јаболка

Состојки:

– 7 јаболка (јас користев зелени)
– 1/2 шолја (95 грама) кокосов шеќер
– 1 шолја (140 грама) спелтино брашно
– 3/4 шолја (100 грама) гриз
– пола пакетче прашок за печиво
– 3 лажички цимет
– 4 лажици неутрално масло

Фото: Приватна архива

Подготовка:

Се загрева рерната на 250 степени и убаво се намрсува тава за печење. Јас користев коцкаста керамичка тава 20х20, но може да користите каква било тава за печење. Дури и подобро би било да е малку поголемка за да излезе питата малку потенка.
Се рендаат јаболката. Може да користите и сечко, но мене ми се допаѓа текстурата од рендани јаболка. Јас ги користев сосе кора, само убаво измиени, затоа што моите беа непрскани и органски јаболка. Ако не се чувствувате убаво да ги јадете така, слободно излупете ги.
Во голем, длабок сад се додава брашното, гризот, циметот, прашокот за печиво и кокосовиот шеќер и убаво се промешува за да се соедини.
На тавата за печење се додава една третина од сувата смеса со брашно, потоа одозгора се додава една третина од ренданите јаболка, потоа се додава една третина од сувата смесата, па повторно една третина од ренданите јаболка и на крај уште еден слој од двете.
Знам дека овој начин е малку чуден и директно да се додава суво брашно, но верувајте ми, се тоа ќе се соедини со сочноста од јаболката на крај.
По желба може да додадете и сечкани оревчиња меѓу некој слој. Тоа ѝ дава превкусен крцкав вкус на питата.
На крај се завршува со слој рендани јаболка и убаво се натапкува.
Се прелива маслото одозгора и се пече 20 минути, се намалува температурата на 150 степени и се пече дополнителни 30 минути.
Оставете убаво да се излади пред да ја исечете. Ова е клучно, затоа што инаку целата ќе се распадне. Мора да биде убаво изладена за да се стегне и да добиете убави парчиња.
Питата може да стои на собна температура 2 дена или во ладилник до 5 дена.

Фото: Приватна архива

Забелешки и совети:

→ Кокосовиот шеќер може да го замените со друг засладувач, но идеално е да биде во гранули. За течен засладувач не би можела да потврдам.

→ Спелтиното брашно може да се замени со друго брашно како интегрално брашно, ‘ржано или овесно во истата количина. За замена на други здрави брашна – може да пробате, меѓутоа не би знаела со сигурност да ви кажам.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот