Приведен синот на убиениот режисер Роб Рајнер и неговата сопруга: Ник Рајнер е сместен во затворот во Лос Анџелес
Ник Рајнер, синот на убиениот филмски режисер Роб Рајнер и неговата сопруга, кој се сомничи за нивното убиство, е уапсен и спроведен во затвор во Лос Анџелес, пренесува „Њујорк Тајмс“.
Препорачано
Како што се наведува, полицијата во Лос Анџелес официјално сè уште не соопштила дека Ник Рајнер е уапсен, но во затворската документација стои дека бил приведен во неделата навечер, а дека денес е префрлен во затвор и дека му е одредена кауција во износ од четири милиони американски долари.
Се наведува дека на брачниот пар им бил пресечен вратот по жестока расправија со член на семејството, за кој се верува дека е Ник, а конфликтот прераснал во смртоносен инцидент во нивната вила вредна 13,5 милиони долари во Лос Анџелес, во неделата попладне.
Истражителите овој случај го третираат како двојно убиство и според сознанија на „Дејли Мејл“, го испрашувале 32-годишниот син на холивудскиот режисер.
Противпожарната служба на Лос Анџелес била повикана во домот на семејството Рајнер околу 15:30 часот во неделата, каде што затекнале маж (78) и жена (68) мртви во куќата.
Нивната ќерка Роми, која живее преку патот, наводно ја открила морничавата сцена кога вчера попладне дошла во нивната пространа куќа со шест спални соби.
Роми ѝ рекла на полицијата дека член од семејството „треба да биде осомничен“ бидејќи е „опасен“.
Ник претходно јавно зборувал за своите проблеми со зависност од дрога, поради кои првпат заминал на рехабилитација околу својот 15-ти роденден, како и за периодите кога бил бездомник.
„Бев бездомник во Мејн. Бев бездомник во Њу Џерси. Бев бездомник во Тексас. Поминував ноќи на улица. Поминував недели на улица. Воопшто не беше лесно“, изјави тој за People во интервју од 2016 година.
Како сценарист, тој бил коавтор на полуавтобиографскиот филм „Being Charlie“, кој зборува за неговата борба со зависноста од дрога и влијанието што таа го има врз семејството.
На филмот работел додека бил на рехабилитација и соработувал со својот татко режисер, на проект кој прикажува напнат однос меѓу татко-актер и неговиот син зависник, што, како што изјавиле тогаш, во голема мера го одразувало и искуството на семејството Рајнер.
Филмот завршува со извинување од таткото поради понекогаш грубиот однос кон синот, вклучително и присилните престои на рехабилитација — нешто за што Рајнер рекол дека го правел и во реалниот живот.
Ник навел дека до 2016 година бил на рехабилитација уште 17 пати, како и дека живеел на улица откако одбил да се врати во една програма за рехабилитација.
Во 2016 година, кога имал 22 години, рекол дека неговиот последен престој на рехабилитација бил три години претходно.
Во времето на излегувањето на филмот „Being Charlie“, изјавил дека се надева дека ќе остане чист за никогаш повеќе да не биде бездомник:
„Додека бев таму надвор, можев да умрам. Сè е прашање на среќа. Ги фрлаш коцките и се надеваш дека ќе преживееш“.
Режисерот Роб Рајнер и неговата сопруга пронајдени мртви, полицијата истражува двојно убиство


