РЕК Битола. Фотографија: EПА/ Ѓорѓи Личовски

Приватната ТЕ-ТО произведува повеќе струја од РЕК Битола, алармира професорот Дејан Трајковски

Моментално целиот јаглен е неквалитетен и без додавање на мазут согорувањето не би било одржливо, а моќноста на турбините би опаднала под техничкиот минимум од 130 мегавати. Ако во нормални услови се троши околу 2 килограми мазут за 1 мегават-час произведена електрична енергија, сега е потребно преку 10 килограми, па дури и 15 килограми мазут за секој мегаватчас електрична енергија, што дополнително ја поскапува.

Следејќи ги дневните извештаи од МЕПСО дознаваме дека еден блок од РЕК Битола (другите два блока не работат) не достигнува дури ни моќност од 130 мегавати, што претставува одвај 56% од номиналната моќност од 230 мегавати. РЕК Битола моментално испорачува само околу 3,1 гигаватчасови електрична енергија дневно, наместо 16,5 гигават-часови, доколку сите три блока би работеле во номинален режим, анализира Дејан Трајковски, професор на Техничкиот факулте во Битола.

– Ова претставува катастрофално ниска ефикасност, што мора да се дополнува со купување електрична енергија од приватната гасна термоелектрана-топлана (Те-То) Скопје, како и со увоз од странство. Звучи нестварно, но моментално приватната Те-То Скопје произведува повеќе електрична енергија отколку термоелектраната на јаглен во РЕК Битола. Дури и хидроцентралите на ЕСМ произведуваат повеќе од термоцентралите, што до скоро било незамисливо. Поради облачното време, производството од фотонапонските централи е симболично — вели Трајковски.

Професор Дејан Трајковски/ приватна архива

РЕК Битола е во смртна агонија

Тој смета дека „на сите што ја следат состојбата со термоелектраните на јаглен (освен на нашите власти) им е јасно дека РЕК Битола се наоѓа во претсмртна агонија“. Јаглен едноставно нема, односно сé потешко се ископува и истиот има сé понизок квалитет.

-Домашниот лигнит има сé поголема содржина на јаловина и пепел, што заедно со високата влажност значи дека има сé пониска калорична вредност. Пониската калорична вредност значи дека е потребно сé поголемо количество јаглен по единица електрична енергија. Но, тоа додавање јаглен е ограничено со капацитетот на мелниците и котлите, па така турбините остануваат „гладни“ за пареа со потребите карактеристики. Кога котелот и турбината работат во подноминален режим, нивниот степен на корисно дејство се намалува, односно дури и при исто количество хемиска енергија во јагленот се добива сé помало количество електрична енергија. Поради тоа нејзината цена сé повеќе расте, а постројката станува сé помалку економична — објаснува професорот.

Ќе се трошат стоковните резерви на мазут, се очекува утре да се прогласи кризна состојба

Во државава во моментов е прогласена кризна состојба во енергетиката за да може да се ослободат државните резерви за мазут, затоа што мазутот е сè повеќе потребен во производствениот процес во РЕК Битола, а има застој во неговата испорака поради штрајкот во Грција.

– Послабата калориска вредност на јагленот не овозможува стабилно согорување (пламенот во ложиштето сака да згасне), поради што е потребно додавање мазут заради стабилизација на согорувањето. Мазутот нормално се користи при старт на котлите, но и повремено, доколку наиде помалку квалитетен јаглен. Но, моментално сиот јаглен е неквалитетен и без додавање на мазут согорувањето не би било одржливо, а моќноста на турбините би опаднала под техничкиот минимум од 130 мегавати. Ако во нормални услови се троши околу 2 килограми мазут за 1 мегават-час произведена електрична енергија, сега е потребно преку 10 килограми, па дури и 15 килограми мазут за секој мегаватчас електрична енергија, што дополнително ја поскапува. На тој начин, термоелектраната на РЕК Битола е целосно увозно зависна, не само од скапиот грчки јаглен, туку и од увезениот мазут. Доколку синџирот за снабдување биде нарушен, што се случува деновиве поради блокадите на грчките земјоделци, нашето домашно производство од термоелектраните на јаглен ќе биде ничкосано на колена – вели Трајковски.

Тој посочува дека „нашите власти имаа време да разберат дека времето на овие термоелектрани измина“.

Ни требаат гасни централи, има евтини на пазрот

– Затоа звучи налудничаво нивната намера да го стартуваат рудникот за јаглен „Живојно“, иако тоа претставува уште еден ќор-сокак. За ископување на 1 тон јаглен е потребно ископување на околу 8…9 тони откривка (јаловина). При минимална цена од 11 евра за тон јаловина и 24 евра за тон јаглен, цената само на јагленот би изнесувала 112 евра за тон. При постоечката калориска вредност на јагленот потребни се околу 1,7 тони јаглен за еден мегават-час електрична енергија. Ако кон ова се додадат и останатите оперативни трошоци од најмалку 25 евра за магават-час производната цена на електричната енергија со јагленот од рудникот Живојно би изнесувала најмалку 215 евра за магават-час , што е двојно поскапо од моменталната цена на електричната енергија на берзите — вели Трајковски.

Според него, излезот е во гасни централи. Професорот порачува дека треба итно да се купат и две евтини работени гасни централи од по 180-200 мегавати, истите да зе релоцираат во Неготино и да се поврзат со парната секција на тамошната термоцентрала на мазут, која би произведувала без еден грам мазут, само од отпадната топлина од гасните турбини.

– Во светот денеска се продаваат многу гасни централи со малку работни часови поради преминот кон обновливи извори на енергија. Така за најмногу 100 милиони евра и само 18 месеци Македонија би добила гасна централа во комбиниран циклус со капацитет од 540 мегавати и би застанала на свои нозе. Оваа евтина инвестиција би била отплатена за само 2 години работа. Во меѓувреме би продолжиле со изградба на обновливи извори на енергија, така што до 2050 година би се ослободиле и од гасот — предлага професорот.

Тој ја критикува Владата дека бизнисот им го отстапува на приватните инвеститори, дека им ги отстапува нашите најдобри локации за ветропаркови, а во меѓувреме купува скапа електрична енергија од приватните производители и од увоз.

– Стручно слепило и инаетот на властите одат дотаму што се спремни да градат брза пруга покрај Вардар и така да го упропастат и проектот „Вардарска Долина“ со 12 хидроцентрали, со чија помош Македонија би станала значително енергетски независна. На тој начин дефинитивно би ја закопале нашата енергетска иднина — заклучува професорот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот