Принцот Хари е обвинет дека користел лажен профил на Фејсбук за тајна комуникација со новинарка
Британскиот принц Хари, се соочи со обвинение дека имал лажен профил на Фејсбук на кој се претставувал како „Господин Пакосник“ (Mr Mischief), пренесуваат британските медиуми.
Препорачано
За време на испрашувањето во судот, војводата се соочил со тврдењата на адвокатот Антони Вајт KC, претставник на „Associated Newspapers Limited (ANL)“ – компанија која, меѓу другите изданија, е сопственик на неделникот „Mail on Sunday“. Адвокатот тврдел дека Хари користел таен фејсбук-профил за да воспостави контакт со новинарката Шарлот Грифитс, која работи за истиот таблоид, и дека преку платформата разменувал „пријателски пораки“ со неа и ѝ дал свој број на мобилен телефон.
Според тврдењето на адвокатот, новинарката Грифитс била дел од социјалниот круг на војводата, и токму затоа Хари наводно ја користел платформата за лична комуникација.
Меѓутоа, принцот цврсто ги одбил овие тврдења, изјавувајќи дека „никогаш не го користел името „Господин Пакосник“ и дека не е сигурен дали воопшто се случила каква било размена на пораки со новинарката. Тој признал дека се сретнал со Грифитс за време на еден викенд во 2011 година, но истакнал дека тогаш не бил свесен за нејзината професија.
Адвокатот Вајт тврдел и дека парот се сретнал во Ибица, но Хари го оспорил тоа, велејќи: „Не мислам дека тоа е точно. Не верувам дека некогаш сум бил во Ибица освен со мојата сегашна сопруга.“
Војводата од Сасекс е дел од група истакнати личности кои поднеле тужби против „ANL“, меѓу кои се Елтон Џон и неговиот сопруг Дејвид Ферниш, Баронеса Дорин Лоренс, Сајмон Хјуз, Сејди Фрост и Лиз Харли. Тие тврдат дека издавачот користел незаконски методи за добивање информации, како прислушување на телефонски разговори и измама со цел пристап до приватни записи.


