Приказната за Силијан - Фото: Принтскрин/Јутјуб

„Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска ја доби престижната награда од публиката на „Синема Ај Онорс“

Документарниот филм „Приказната за Силјан“  на режисерката Тамара Котевска, освои значајно меѓународно признание, добивајќи ја наградата од публиката „Audience Choice Prize“ на „Синема Ај Онорс“ (Cinema Eye Honors), една од најреномираните светски награди за документарен филм.

Станува збор за признание што се доделува исклучиво врз основа на гласовите на гледачите, а доаѓа по исклучително силна конкуренција. Филмот се најде пред документарните остварувања од Бразил, Канада, Палестина, Гана, САД, Данска и Нов Зеланд, што уште еднаш покажува дека македонската приказна може да допре до глобалната публика.

Синема Ај Онорс – Фото: Инстаграм

Од тимот на Котевска посочуваат дека оваа награда има особена тежина, бидејќи директно ја одразува емотивната врска меѓу филмот и публиката. Токму затоа, „Audience Choice Prize“ често се смета за едно од најрелевантните признанија во современата документаристика и важен показател за меѓународен успех.

Голем број гледачи од Македонија, но и од странство, се вклучија во гласањето, претворајќи го признанието во заедничка победа што ги надминува националните и географските граници.

„Ова е можеби најзначајната награда што ја доби „Приказната за Силјан“, бидејќи доаѓа директно од публиката. Таа е признание не само за филмот, туку и за сите кои гласаа за него. Поддршката ја обедини македонската јавност и ѝ даде глас на оваа фолклорна бајка. Во силна меѓународна конкуренција, победија искрената емоција и гласот на публиката“, изјави Котевска.

Филмот беше откупен од „National Geographic Documentary Films“ и прикажан на бројни реномирани светски фестивали. Според Пи-Ар тимот на Котевска, овој успех уште еднаш потврдува дека автентичните локални приказни можат да зборуваат универзален јазик и да обединат публика низ целиот свет.

„Со освојувањето на наградата од публиката, „Приказната за Силјан“ го заокружува својот исклучителен меѓународен пат и ја позиционира Македонија како земја од која доаѓаат силни, препознатливи и човечки документарни приказни“, наведуваат од тимот на Котевска.

 

Документарниот филм „Приказната за Силјан“ открива светови коишто делуваат заборавени

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот