Документарниот филм „Приказната за Силјан“ открива светови коишто делуваат заборавени
Македонската премиера на документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, позната како корежисерка на Оскар-номинираниот филм „Медена земја“, се одржа на 4 јануари 2026 година во Македонскиот народен театар.
Препорачано
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, откупен од „Национална географија“ во секцијата „Документарни филмови“ (National Geographic Documentary Films), со серијата меѓународни фестивалски прикажувања, признанија и награди, бележи значаен меѓународен успех.
Македонската премиера се одржа во свечен амбиент со присуство на филмската екипа, протагонистите во филмот, државниот врв и бројни љубители на филмската уметност. Пред присутните со краток, но повеќезначен говор се обрати режисерката Тамара Котевска.
– Не можам да ја опишам возбудата која ја чувствуваме сите тука вечерва. Без разлика каде бев, не постои чувство што ќе ми го замени овој настан, пред домашната публика. Ова е мојата најголема гордост!

Овој филм настана без идеја дека ќе стигне толку далеку и настана за нашата публика. Мило ми е што го виде светот, но повеќе од сè ми е мило што го видовте денес сите, што допрва ќе го гледа цела Македонија, бидејќи планираме да има премиери и проекции низ цела Македонија, во секој град, бидејќи сметам дека луѓето од помалите места и тоа како заслужуваат да го видат овој филм и, воопшто, да гледаат филмови, а немаат можност.
Луѓето како Никола и неговата фамилија ми даваат смисла на животот и зошто правам приказни за нив. Сметам дека приказните, особено од подлабоките места во Македонија, од поскриените места, ми се особено драги да ги промовирам и да бидам едноставно дел од сето тоа и дел од тие светови коишто делуваат заборавени, но, всушност, се суштината на нашата култура и на нашиот свет и некако нè држат сите, ни ги држат корените на сите.
Особено сум горда на оваа екипа, којашто се бореше од почеток до крај без никакви финансии голем дел од времето. Многу подоцна дојдоа финансии, и вакви луѓе навистина заслужуваат буквално сè.
Сакам да пратам и поздрав до кинематограферот Жан Дакар, којшто мораше да лета за Америка, на „Cinema Eye Honors“, каде што јас не можам да отидам бидејќи сум тука. И за крај, посакувам некои работи коишто ги видовте во филмот да се сменат засекогаш, но, исто така, посакувам некои други да не се сменат никогаш! – рече режисерката Тамара Котевска во својот говор на македонската премиера на „Приказната за Силјан“, што се одржа во МНТ.

Документарецот „Приказната за Силјан“ е визуелно силен и медитативен филм за издржливоста, грижата и малите дела кои менуваат животи. Во срцето на рурална Македонија, земјоделецот Никола, притиснат од новите државни политики, случајно наоѓа ранет бел штрк на депонија и решава да му помогне. Нивниот кревок, полека граден однос со доверба се претвора во спасоносна врска која му ја враќа смислата на Никола, ги обновува врските со заедницата и ги буди старите преданија и односот кон природата.
Филмот е снимен во период од три години, а започна како лична идеја која Котевска ја развиваше и ја водеше до целосна реализација. Котевска е и режисерка и продуцентка на филмот, кој е реализиран во копродукција со американската компанија „Конкордија“ (Concordia) и британската „Корнершоп“ (The Cornershop). Останати продуценти се Жан Дакар, Ана Хашми и Јорданчо Петковски, со кој Котевска го сними својот прв долгометражен игран филм „Човек против јато“.
Монтажата на „Силјан“ е на Мартин Иванов, а музиката ја создадоа Џо Вилсон Дејвис (Joe Wilson Davies) и Хун Оукпарк (Hun Oukpark) од студиото на Ханс Цимер (Hans Zimmer), носејќи длабоко емотивна и слоевита звучна палета која го надополнува наративот.


