Џанкарло Џамети и Валентино Гаравaни / Фото: DAMIEN MEYER / AFP / Profimedia

Приказна за љубов и пријателство што траеше 66 години: Валентино го напушти Џанкарло пред 5 децении, но го сакаше до крајот на животот

Италијанската модна куќа „Валентино“ вчера официјално соопшти дека починал славниот креатор и основач на брендот Валентино Гаравани.

Славниот дизајнер, кој беше еден од визионерите што го дефинираа стилот на 20-тиот век и ги поставија темелите на современата мода, почина на 94-годишна возраст во Рим, каде што ќе биде и погребан на 23 јануари.

Валентино Гаравани со децении беше едно од најценетите имиња во модната индустрија, а неговите креации ги носеа најголемите ѕвезди од различни епохи, пишува „Глоси“.

Речиси во текот на целата своја кариера, Гаравани ја имаше поддршката од својата најголема, односно единствена љубов. По осум години работа во Париз и враќањето во Италија, тој ја основа сопствената модна куќа во 1960 година — истата година кога ја започна врската со Џанкарло Џамети. Иако во меѓувреме раскинаа во 1972 година, тие останаа еден покрај друг до крајот на животот на Гаравани.

Во документарниот филм „Валентино: Последниот император“ (2008), тие пред камерите се потсетија како започна нивната приказна.

Валентино и Џанкарло ги спои судбината

Валентино го запознал Џанкарло, тогашен студент по архитектура, на 31 јули 1960 година во римското кафуле „Café de Paris“. По краткиот разговор, Џамети го одвел креаторот дома со својот „фиат“. Веќе следниот ден, Џанкарло отпатувал на одмор на Капри, каде што, десет дена подоцна, сосема случајно го сретнал Валентино.

Со тоа започнало пријателството кое набрзо прераснало во љубов, а Џамети набрзо ги напуштил студиите за да стане деловен и животен партнер на Валентино.

– Тогаш бевме многу сиромашни, немавме пари да ангажираме многу луѓе, па моравме да правиме сè самите. На почетокот, се сеќавам, дури и лично ги меревме ткаенините пред да ги испратиме во фабриките. Мислам дека ентузијазмот, храброста и љубовта што постоеше меѓу нас овозможија сè – изјавил Џамети во една прилика.

Елизабет Тејлор како пресвртница

Во моментот кога Џанкарло се вклучил во почетоците на брендот, финансиската ситуација на Валентино не била идеална. Во рок од една година, еден од соработниците на таткото на Валентино, кој инвестирал во брендот, се повлекол од работата поради превисоките трошоци.

Меѓутоа, во 1961 година, Елизабет Тејлор, која престојувала во Рим поради снимањето на „Клеопатра“, одлучила да носи бел фустан на Валентино за премиерата на филмот „Спартак“. Тогаш започнало ново животно и деловно поглавје за овој пар.

– Заедно растевме, така што не можеме да се разделиме… Ако му се случеше нешто на Валентино, ми се случуваше и мене – рекол Џамети.

Делувало како да не постојат граници, а Џанкарло Џамети ги развивал своите деловни вештини и успешно го водел брендот заедно со Валентино. Тој повлекол низа мудри деловни одлуки, како што било склучувањето на многу профитабилни договори за продажба на неочекувани производи со логото на „Валентино“ на јапонскиот пазар.

Кога велиме неочекувани, мислиме на прилично изненадувачки — вклучувајќи и тоалетни школки. Кога го прашале како е можно еден толку елегантен бренд да продава школки за тоалет, Џанкарло имал подготвен и јасен одговор: „Имам само еден збор за вас — пари“.

Крај на романсата, но не и на заедницата

Работите напредувале, Валентино се издвоил како едно од водечките имиња во светот на модата, но романтиката меѓу Џанкарло и Валентино станувала сè помала. Успесите се нижеле, нивното богатство и влијание растеле, но љубовта, во онаа романтична смисла, почнала да згаснува.

– Имав само 30 години кога физичкиот дел од нашата врска заврши и на почетокот ми беше тешко. Моравме да ги решиме проблемите со љубомората, но бевме возрасни луѓе и знаевме дека времето може да го реши секој проблем. Секогаш сакавме да бидеме најдобри еден за друг – изјави Џамети во интервју за „Венити фер“.

Раскинувањето им донесе нов почеток и доживотно пријателство

Како што открил Џанкарло во своите мемоари, во 1973 година Валентино во Бразил го запознал 19-годишниот Карлос Соуза и започнал врска со него. Таа врска траела извесно време пред Соуза во 1983 година да се ожени со бразилската убавица Шарлен Шорто.

Сепак, немало бурни кавги, туку сите се спријателиле: Валентино и Џанкарло го продолжиле пријателството и соработката, а подоцна дури биле и кумови на синовите на Соуза.

Валентино потоа, на почетокот на осумдесеттите, започнал врска со Брус Хоексем, кој ја започна кариерата како модел, но подоцна стана потпретседател на неговата компанија.

Според зборовите на Џамети, Брус, Карлос и Шарлен изградиле „вистинско семејство“, а подоцна го прошириле своето „племе“ со нови членови кои работеле за Валентино.

– Ова не е приказна за пари или мода. Ова е приказна за љубовта – изјавил во една прилика Џамети за својот однос со Валентино.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот