Причината поради ширењето на колерата е во климатските промени, тврди СЗО

Фото: EPA/Andres Martinez Casares

Климатските промени доведоа до значително поголеми и посмртоносни епидемии на колера пријавени во околу 30 земји оваа година, соопшти синоќа Светската здравствена организација (СЗО).

СЗО информира дека ги следи епидемиите на колера во 30 африкански земји, како и зголемувањето на случаите на Хаити.

Истражувачите процениле дека секоја година има од 1,3 до 4 милиони случаи на колера и од 21.000 до 143.000 смртни случаи од колера ширум светот, според податоците на СЗО.

– Ситуацијата е сосема без преседан, бидејќи не само што гледаме повеќе епидемии, туку овие епидемии се поголеми и посмртоносни од оние што ги видовме во изминатите години, рече Филип Барбоза, кој го предводи тимот на СЗО задолжен за борба против колера и епидемиска дијареа.

Лекарите без граници известија дека оваа година има избивање на колера во бегалските кампови во Либан, Сомалија и Нигерија.

Колерата е акутна инфекција предизвикана од Vibrio cholerae која го зафаќа целото тенко црево и се карактеризира со обилна водена дијареа, повраќање, грчеви во мускулите, дехидрација, олигурија и колапс.

Колерата погодува околу три до пет милиони луѓе низ светот и е одговорна за меѓу 28.800 – 130.000 смртни случаи годишно.

– Она што е повторно многу ново од почетокот на годината и крајот на минатата година е многу видливото влијание на климатските промени, рече Барбоза.

Како што рече, повеќето од овие големи епидемии и тоа што се случуваат во исто време, што ја прави ситуацијата многу посложена, е директно влијание на зголемувањето на неповолните климатски проблеми.

На пример, рече Барбоза, значителни поплави, невидени монсуни и серија циклони продолжуваат да бидат поттикнати од климатските промени во Африканскиот рог, Сахел и другите делови на светот. – И за жал, работите нема да се сменат наскоро, рече Барбоза.

Претставникот на СЗО рече дека колерата е очигледно болест на сиромаштијата и ранливоста.

– Тоа е најкревкиот дел од населението во која било земја што е најзагрозен и од едноставна причина: тоа е само затоа што немаат пристап до безбедна вода и основни санитарни услови, додаде Барбоза.

Третманот на колера вклучува орална рехидратација за повеќето пациенти и интравенска рехидратација за потешки случаи

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот