Превозниците бараат дигитализација на граничните процедури

фото: МИА

Забрзувањето на протокот на стоката со олеснување и поедноставување на процедурите на границите за превозниците е клучно за да може патниот транспорт да има вистински придонес во развој на економијата и животот на луѓето.

Главни заложби во таа насока на транспортните асоцијации се елиминирање на „црвените ленти” за превозниците, укинување на тарифните бариери, визните режими, исфрлањето на документите и дигитализацијата на процедурите и соработка со властите воопшто за осовременување на сите транспортни процеси.

Тоа се дел од пораките изнесени на Генералното собрание на Унијата на патни транспортни асоцијации од Црноморскиот Регион – BSEC-URT, што се одржува денеска во Скопје во организација на транспортната асоцијација  СИЗ Македонија сообраќај АМЕРИТ.

– Најголеми проблеми има со чекањето на граничните премини, каде има и 20-километарски колони. Воведена е дигитализација на Царината, а друга мерка е заедничкото гранично управување со Србија, Исто така, дадовме сугестии за да се овозможи таков проток на стока и со Албанија. Генерално, кога би се исфриле документите и се би било дигитализирано целиот процес на движење на транспортерите би бил побрз, изјави Лефтер Андоновски, претседател на АМЕРИТ, која е дел од полноправните членки од регионот во Унијата на патни транспортни асоцијации од Црноморскиот Регион.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески истакна дека патниот транспорт има големо учество во креирање на бруто домашниот производ и оти е неопходно постојано да се создаваат услови за негово подобрување. Во голем дел, како што рече на отворањето на генераното Собрание, сме усогласени со европската легислатива во лиценцирањето и сертифицирањето на центрите за обука и во сертификацијата на возачите.

– Имајќи предвид дека веќе сме усогласени и со регулативата за работното време за возачите кои поседуваат дигитални тахографи пред нас стои нов  предизвик. Од оваа година во земјите во ЕУ полна користење  на смарт тахографи. Ние се уште немаме обврска да ги користиме тој тип тахографи, но мораме да се подготвиме за новите дигитални времиња и полека да се усогласиме со европската регулатива и во тој дел, нагласи Сугарески.

Како што информираше тој, на последниот повик за ЦЕМТ дозволи аплицирале вкупно 456 транспортни компании од кои 346 се за ЕКТМ меѓународни дозволи за превоз на стока. Годинава Министерството за транспорт електронски ќе распредели 1.440 годишни ЕКТМ дозволи за возила со Еуро 6 стандард. Имајќи го предвид возниот парк обезбедени се 2.280 месечни ЕКТМ дозволи за еуро 5 возила. Обезбедени се и дополнителни билатерални транспортни дозволи за Турција, Австрија и Бугарија.

Генералниот секретар на ИРУ, Умберто Де Прето оцени дека е добро што во државава има развиена свест и политичка подготвеност дека за да ја подобриме економијата и прашањата од животната средина ни треба добро решение за транспортот.

– Еден од тие начини е развојот на јавно-приватно партнерство, а доказ за тоа е соработката со АМЕРИТ. Многу сум задоволен што Северна Македонија сака да соработува со АМЕРИТ и со БИСЕК и да се отвори плодна зона на сорабока во БИСЕК земјите и земјите од Блискиот исток, изјави Де Прето.

На 36-тата средба на Генералното собрание на BSEC-URTA присуствуваат и претседателите на асоцијациите за патен транспорт од Турција, Молдавија, Романија, Грција, Србија, Албанија, Бугарија и од Украина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот