Претставен Буџетот за 2023: Тежи 5,3 милијарди евра, ќе биде одговор на кризата, но ќе има и за рзвој

Буџетот во 2023 година ќе тежи 5,3 милијарди евра, приближно 600 милиони повеќе од сега. Со него треба да се платат плати, пензии, социјални трансфери, да се градат капитални објекти и да се вратат стари долгови

Владата денеска го донесе Предлог-буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година, предложен од Министерството за финансии. Буџетот на расходната страна е предвидено да изнесува 5,3 милијарди евра, што е 12,6 проценти повеќе од овогодишниот, а приходите е предвидено дека ќе бидат 4,6 милијарди евра, или 14,8 проценти повеќе од Буџетот во 2022 година. Буџетскиот дефицит е околу 700 милиони евра. Сегашниот ребалансиран буџет е 4,7 милијарди евра на расходната страна, што значи дека оваа година се планира да се потрошат околу 600 милиони евра повеќе.

Прогнозираниот економски раст за наредната година е 2,9 проценти од БДП и тој е намален во однос на претходните предвидувања од 4,6 проценти. Очекуваната инфлација за наредната година е 7,1 проценти, а планираниот буџетски дефицит е 4,6 проценти.

Министерот за финансии Фатмир Бесими на прес-конференцијата на која го претставуваше Буџетот рече дека овој буџет е одговор на кризата, но има и развојна компонента.

– Главни цели на овој буџет е да се соочиме со ефектите од енергетската криза, да се одржи економскиот раст, да се исполнат сите обврски без исклучок, да се поддржат реформите на нашиот пат кон ЕУ и да се исполнат обврските од членството во НАТО – рече Бесими.

Тој потенцираше дека развојната компонента се огледа во тоа што капиталните расходи се планирани на повисоко ниво од буџетскиот дефицит.

Во однос на економскиот раст планиран во Буџетот, тој, како што вели Бесими, се планира врз основа на очекуваната зголемена побарувачка, но и зголемените инвестиции на компаниите. Како ограничувачки фактори се случувањата во глобалната економија, со оглед на тоа што „ние сме мала и отворена земја“, при што особено значење за нас има Германија, како најголем трговски партнер, но и оваа држава се соочува со економски проблеми.

Разлагајќи го Буџетот по ставки, министерот Бесими рече дека на приходната страна, во однос на прибирањето на даноците до јуни 2023 година, граѓаните ќе плаќаат повластена стапка од 5 проценти за електрична енергија. На расходната страна е планирано подмирување плати, пензии, социјални трансфери, субвенции, поддршка на мали и средни претпријатија, како и капитални трошоци.

За плати е предвидено да се потрошат 567,7 милиони евра, при што е земена предвид и нова методологија за пресметка на платите.

За субвенции и за социјални трансфери се предвидени 3,3 милијарди евра, при што во овој износ се влезени и зголемени пензии со законското усогласување.

За енергетската криза, како што соопшти Бесими, има 230 милиони евра и со нив ќе им се помогне и на компаниите.

Капиталните расходи се планирани на 795 милиони евра. Со нив се планира изградба на инфраструктурни проекти, но и инвестиции во здравството.

Годинава за враќање стари долгови заедно со камати има околу 1 милијарда евра. Бесими рече дека се очекуваат пари од ММФ, но и од Светска банка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот