Владимир Путин / Фото: EPA/SERGEI ILNITSKY

Путин: Кој во Романија вели дека ова е руски дрон?

Никој не може да каже од каде потекнува овој или оној дрон додека не се изврши експертиза, рече рускиот претседател Владимир Путин за дронот кој се урна во Романија и за кој се тврди дека наводно бил руски.

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека е прерано да се каже дали дронот што се урна во станбена зграда во Романија бил руски и сугерираше дека можеби станувало збор за украински дрон, објави „Ројтерс“.

НАТО денеска ја обвини Москва за непромислено однесување и вети дека ќе го „брани секој сантиметар од сојузничката територија“, откако Романија соопшти дека руски дрон се урнал во станбена зграда во земјата членка на Алијансата, за време на напад врз соседна Украина.

— Кој во Романија вели дека ова е руски дрон? — ги праша Путин новинарите на прес-конференција во Астана, Казахстан.

Тој додаде дека „штотуку слушнал за инцидентот, бидејќи цел ден бил на разговори“.

— Никој не може да каже од каде потекнува овој или оној дрон додека не се изврши експертиза — рече тој.

Дронот изгледа бил погоден во Украина, ја сменил насоката, па се урнал во Романија, вели романскиот претседател

Путин изјави дека украински дронови претходно биле забележани во Финска, Полска и во балтичките земји.

— Првата реакција беше сосема иста како сега во Романија: „Русите доаѓаат“. Потоа, по кратко време, се покажа дека тоа нема никаква врска со руски дронови — рече Путин.

Путин ги отфрли и изјавите на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која ја обвини Русија дека со овој инцидент преминала уште една граница, велејќи дека таа самата не ги испитала остатоците од дронот.

Тој предложи Романија да сподели информации за тоа што се случило, а можеби и делови од дронот, за Москва да може да спроведе сопствена истрага.

Претходно, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека обвинувањата против Русија за дронови наводно откриени во земји од Европската Унија се неосновани и неподдржани со докази.

Претседателот Никушор Дан, пак, изјави дека дронот што се урнал врз станбена зграда најверојатно бил погоден во Украина, над градот Рени, по што му била изменета траекторијата, објави „Г4 медија“.

Русија психолошки ги тероризира балтичките држави

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот