Премиерот-професор ги „пресметува“ буџетите за судството по своја формула
Премиерот Мицкоски е дециден дека државата нема толку пари колку што бараат судиите и јавните обвинители, и иако за судиите се издвојува процент од БДП, а за обвинителите процент од државниот буџет, сепак Мицкоски процентите ги собира и се добива лажна слика.
Македонија е на европското дно како една од земјите што дава најмалку пари за правосудниот систем, покажуваат податоците на Советот на Европа за судските буџети во Европа во 2022 година, кој беше објавен лани. Според овие податоци, Македонија во 2022 година издвоила 0,39 отсто од бруто-домашниот производ за судската власт.
Препорачано
Оваа бројка е поголема од просекот на ниво на Советот на Европа, но ако се пресмета колку пари се трошат по глава на жител, во 2022 година полоши од Македонија биле само Албанија, Ерменија, Азербејџан, Грузија, Молдавија и Украина.
Ова се истите податоци што секојдневно ги кажува премиерот Христијан Мицкоски и со кои сака да докаже дека за судството се даваат дури и многу пари.
Точно е дека Македонија одвојува повеќе за судството од 75 отсто од земјите членки на Европската Унија, но другите земји имаат многу поголем БДП од Македонија, па иако издвојуваат помал процент за буџетот, сепак таму по глава на жител одат многу повеќе пари за судството отколку во Македонија.
Па, така, ако во Македонија од буџетот се издвојуваат по 24 евра по жител, во Германија се издвојуваат 131 евро по жител, што е, како и што кажа германската амбасадорка во Македонија, Петра Дрекслер, за петпати повеќе од Македонија.
– Мора убаво да се погледнат бројките. Ако ги споредите податоците што Европската комисија за ефикасноста на правосудството ги доби како резултат на испитувањето во 2022 година, ќе видите дека Германија уште во тоа време инвестирала во правосудството петпати повеќе по глава на жител од Северна Македонија – рече амбасадорката.
Точно е дека Македонија дала 0,39 отсто од БДП, Германија 0,31 отсто, Луксембург само 0,16 проценти, но во Луксембург, според глава по жител се издвојуваат 193 евра. Па, така, колку земјата е посиромашна, односно има помал буџет, треба да издвојува поголем процент.
Дека на правосудството му требаат повеќе пари, порачаа и претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски и републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Иако Законот за судски буџет ги обврзува властите да се издвојат најмалку 0,8 проценти од БДП, овој процент не е достигнат со години и се издвојува околу 0,3 проценти.
Камбовски порачува дека судството не може да се гради без финансии.
Од Судскиот совет стигна пораката: „Без финансии, не можеме да градиме судство“. Премиерот, пак, останува цврсто на ставот дека не гледа причина за зголемување на платите на судиите и според него 0,3% од БДП е доволно за судството.
– Платите на судиите се еден минимален дел од тој пакет на реформи којшто нашата држава се согласила да го направи. Не се согласиле судиите или тие не го барале тоа. По европскиот пат што ние го одиме, европските реформи коишто треба да ги преземаме вклучуваат и измени на еден куп закони – тука беше Законот за судски совет, Законот за Јавното обвинителство, Кривичниот законик, Законот за Академијата за судии и јавни обвинители. Во ниеден од овие закони воопшто не станува збор за платите на судиите – изјави Камбовски.
Агелер директна за односот на Мицкоски кон правосудството: Помалку зборување, повеќе дејствување
Пресметката на премиерот
Дека состојбата во Обвинителството е неодржлива од Собранието порача и Коцевски, кој повтори дека работат со една третина од потребниот број на вработени, не е одобрено ниту едно ново вработување, а приемот на нови кандидати од Академијата за судии и јавни обвинители е блокиран, затоа што Министерството за финансии не дава пари.
Коцевски смета дека 0,4 проценти би биле доволни затоа што од 2020 година добиваат 0,2 проценти.
– И со досегашниот Закон за јавно обвинителство е предвидено на ЈО да му се додели 0,4 проценти од буџетот. Со новиот предлог-закон за ЈО се предвидува тој износ да се зголеми на 0,5 проценти. Законодавецот смета дека така со тој процент ќе се задоволат потребите на Јавното обвинителство. Ние мислиме дури и со 0,4 проценти, имајќи предвид дека сега се доделуваат само 0,2. Неколку години, не од оваа власт, неколку години наназад од 2020 година оттогаш наваму се доделуваат секоја година околу 0,2 проценти – рече Коцевски.
Мицкоски, пак, е дециден дека државата нема толку пари колку што бараат судиите и јавните обвинители, и иако за судиите се издвојува процент од БДП, а за обвинителите процент од државниот буџет, сепак Мицкоски процентите ги собира.
Тој уште еднаш појасни дека во законот стои 0,8 отсто од бруто-домашниот производ за судовите и 0,5 отсто за обвинителите. Тоа, според него, е 1,3 отсто од бруто-домашниот производ.
– И сега кога би имале ние, а мислам дека веќе следната година ќе дојдеме некаде околу 20,5 – 20,6 милијарди долари БДП, тоа значи дека 260-270 милиони долари ќе треба да се обезбедуваат за судовите и за обвинителствата или некаде 3-4 пати повеќе од сега – истакна Мицкоски.
Тој забележа дека дел од судиите и јавните обвинители, откако оваа теза не поминала, се насочиле на барањата дека немаат основни средства за работа, компјутери, дактилографки, асистентки…, и оти не требало да чекаат од Владата согласност за вработување. Премиерот рече дека тоа е сосема во ред и оти ќе им дадат автономен буџет, сами да управуваат од средствата за хигиена до плати, кого сакаат да вработуваат и ангажираат. Но, дека ќе им бараат покритие за секој потрошен денар.


