НСДП, Фото: Архива

Преговорите за министерските фотелји сè уште траат: На НСДП ѝ е поважна пратеничката од министерската фотеља

Владејачката партија инсистира пратеничката Соња Мираковска, која НСДП ја предлага за ресорот труд и социјала, во Собранието да ја замени пратеник што ќе биде од СДСМ, но неофицијално ова било неприфатливо за НСДП, која не би жртвувала пратеничко место за министерска функција.

Коалицискиот партнер во Владата, НСДП, најверојатно ќе остане без министерска фотелја, дознава „Слободен печат“ детали од текот на преговорите што мандатарот од СДСМ, Димитар Ковачевски, ги има при составувањето на новата влада. Списокот со кандидатите за нови министри од СДСМ ќе се знае утре, кога Ковачевски треба да ја утврди на координација со најтесното партиско раководство, брифира за „Слободен печат“ висок функционер од партијата.

Ковачевски до утре треба да ги финишира средбите со помалите коалициски партнери, по што дефинитивно ќе се знае дали СДСМ ќе отстапи ресор, односно дали во новиот владин тим ќе учествува и НСДП, иако шансите за тоа сега се сведени на минимум. Причината за тоа е што мандатарот инсистирал жена да го предводи ресорот труд и социјална политика. Кандидатот од партијата чиј претседател е Тито Петковски, пратеничката Соња Мираковска, на тој начин би ослободила место во Собранието. Владејачката партија инсистира да ја замени пратеник од СДСМ, но, според информациите до кои дојде „Слободен печат“ ова е неприфатливо за НСДП. Неофицијално, Петковски го информирал Ковачевски дека не би жртвувале пратеничко место за министерска функција.

ДУИ и Алтернатива не понудиле ниту една жена за новиот владин состав и со тоа има родов дисбаланс во Владата, кој ќе треба, колку-толку, да го надомести новиот мандатар со кадри од СДСМ. Поради ова, но и поради апетити на помалите коалициски партнери, најверојатно ниту една од помалите партии нема да добие министерство. Најверојатно распределбата на ресорите во новата влада ќе остане иста, односно исклучок ќе бидат ресорите образование, кој ќе го добие ДУИ, со ресорот информатичко општество и администрација ќе раководи Алтернатива, а земјоделство оди кај СДСМ.

Откако најтесното партиско раководство, односно Ковачевски, потпретседателите и партиските секретари ќе ги утврдат кандидатите за министри, за нив ќе треба да се произнесе Извршниот одбор на партијата каде списокот со имиња може да претрпи измени. Последниот филтер е Централниот одбор на партијата кој, според најавата, треба да заседава в недела за да даде виза за кадровските решенија од СДСМ за новата влада. Токму викендов се очекува Ковачевски да ги има најинтензивните средби и разговори со сопартијците кандидати за министерските фотелји.

Според нашиот извор, извесно е дека во новиот владин тим ќе бидат вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерот за правда Бојан Маричиќ, како нов вицепремиер за европски прашања. Во новата влада Ковачевски ја планира и заменик-претседателката на СДСМ и директорка на УЈП Сања Лукаревска на позицијата вицепремиерка за борба против корупцијата.

Неизвесно е дали некој од новата раководна гарнитура на СДСМ ќе седне во министерска фотелја, освен Битиќи и Маричиќ. Дознаваме и дека за новиот потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев, нема да има место во министерскиот тим на Ковачевски. За потпретседателката и пратеничка Бисера Костадиновска дали ќе оди во извршната власт битно е дали следниот на листата за пратеници е од СДСМ или од коалициските партнери, бидејќи партијата не сака да изгуби пратеник. Потпретседателот Перо Костадинов останува градоначалник.

Сите други позиции се отворени, односно можно е дел од актуелните министри да останат и во тимот на Ковачевски, а можно е и целосно да го поднови министерскиот состав од редовите на СДСМ. Ова значи дека Ковачевски уште не пресекол дали во Владата ќе останат Оливер Спасовски и Љупчо Николовски, додека извесно е дека нови имиња се очекуваат во ресорите култура, труд и социјала, земјоделство, одбрана и најверојатно транспорт и врски. Ова во интервју за косовски медиум го навести и првиот вицепремиер Артан Груби. Тој потврдува дека ресорот образование оди кај ДУИ, но вели и дека според најавите, ќе има смени во многу министерства раководени од СДСМ.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот