„Преекспонирано“ на Елеонора Венинова со светска премиера во Каиро
Светската премиера на новиот македонски игран филм „Преекспонирано“ на режисерката Елеонора Венинова ќе се одржи на Меѓународниот филмски фестивал во Каиро.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Првиот долгометражен филм „Преекспонирано“ на режисерката Елеонора Венинова премиерно ќе биде прикажан во официјалната конкуренција на филмски фестивал од А-категорија. Станува збор за 44. Меѓународен филмски фестивал во Каиро, кој ќе се одржи од 13 до 22 ноември.
– Филмот „Преекспонирано“ е проект на кој работам десет години, од тогаш датира првата верзија на сценариото, кое е поддржано од Агенцијата за филм на Северна Македонија, и по неколку измени дојдовме до оваа конечна верзија на сценариото која ја снимивме. Бевме први што снимаа во време на пандемијата, во услови на карантин, но задоволни сме и со нетрпение очекувам филмот да ѝ го претставиме на публиката – рече режисерката Елеонора Венинова на прес-конференција што се одржа во Кинотеката.
Венинова потенцираше дека станува збор за драма, делумно инспирирана од вистински настани. Приказната, како и другите нејзини филмови, има личен момент и говори за брачна двојка што престојува во викенд куќа во Охрид, а нивниот мир и брачна идила е нарушена од тинејџерка, која е ќерка на нивни блиски пријатели. Тие двајца ќе се доведат во ситуација да го преиспитаат својот брачен живот.

Главните улоги ги толкуваат Камка Тоциновски, Благој Веселинов и Сара Климоска. Кинематографер е Лев Предан Коварски, музиката е на Линдзи Рајт, сценографијата на Срѓан Митровиќ, костимите ги дизајнираше Жаклина Крстевска, а сценариото е на Елеонора Венинова. Монтажата на филмот е на Гоце Кралевски, монтажер за звукот е Дарко Спасовски. Македонски продуцент е Гоце Кралевски („ДНФ Филмс“), а копродуцент е Мирјана Томиќ („Лилит“ – Србија).
За актерката Сара Климоска ова е прва соработка со режисерката Венинова, додека за актерот Благој Веселинов особен впечаток оставила работата во време на пандемијата и смета дека филмот има нешто поразлично што досега не го видел во друг македонски филм, односно има внатрешна емотивна борба со која се соочуваат актерите.
– Овој филм ми е многу драг, бидејќи дотогаш никој не снимаше, беше пандемија и сите се прашувавме што ќе се случува понатаму, како ќе работиме. Елеонора и Крале ги зедоа работите во свои раце и среќен сум што успеав да го одвојам Благој Веселинов од ликот којшто го играм во филмот. Тоа за мене е голема среќа, а понатаму публиката ќе го каже своето мислење – рече Веселинов.
Филмот е снимен со поддршка од Агенцијата за филм, од „Еуримаж“ и Српскиот филмски центар. Продуцентот Гоце Кралевски информираше дека покрај светската премиера, очекуваат набргу и европска премиера, исто така на голем меѓународен фестивал од А-категорија, а на пролет филмот ќе може да го погледне и македонската публика.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 151, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 22-24 октомври 2022)


