ВИДЕО | Предвремени избори ќе има, власта нема да знае кај да бега, вели Филипче
Лидерот на СДСМ се надева дека власта ќе ја истоштат економските и политичките предизвици пред кои е исправена
Во вечерашното издание на емисијата „Клик плус“ на телевизијата „21“, претседателот на Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, изјави дека очекува да се одржат предвремени парламентарни избори, оценувајќи дека актуелната власт ќе се соочи со сериозни политички и економски предизвици.
Препорачано
Тој потсети на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, наведувајќи дека во претходни настапи било речено дека ќе се одржат редовни избори, без предвремено гласање. Сепак, Филипче посочи дека е убеден оти ќе дојде до предвремени избори.
Според него, состојбата во буџетот е сериозна, со зголемен дефицит и притисок врз исплатата на плати и обврски кон фондовите, при што прашањето за обезбедување средства станува сè поактуелно. Тој оцени дека се земаат нови заеми со непознати услови, што, според него, дополнително ја зголемува финансиската неизвесност.
Филипче предупреди и дека незадоволството кај граѓаните ќе расте, особено во услови на економски притисок и најавени протести од синдикатите. Според него, Владата нема соодветен одговор на овие предизвици и ќе се соочи со јавен револт.
Тој оцени дека во Владата недостигаат капацитет, искуство и волја за подобрување на состојбите во државата.
Говорејќи за кризата на Блискиот Исток, Филипче рече дека кога се случуваат такви кризи, се гледа колку значат „државничките одлуки што ги носеше владата на СДСМ“, а благодарение на кои Македонија денес „е во најмоќниот воен сојуз, што е најсилниот штит за државата“.
„Конечно е јасно во ситуација кога има кризи на повеќе места во светот што значеле државничките и визионерски би рекол политики на СДСМ во минатото. Кога сме дале политичка жртва по цена на сопствениот политички рејтинг да се донесат тешки одлуки, но сме станале земја членка на НАТО. Дел сме од најсилниот одбранбен сојуз во светот“, рече Филипче.
Во интервјуто, лидерот на СДСМ рече и дека граѓаните треба внимателно да ги следат и оценуваат политичките ставови и кредибилитетот на политичарите, потсетувајќи на несполнетите ветувања на премиерот Мицкоски меѓу кои за поништување на Преспанскиот договор, за враќање на името на државата.
„Што значи тоа, прво дека не може да му се верува односно дека и тогаш не ја кажувал вистината, граѓаните мораат знаат што е аргументирано, издржано, а што не е и затоа сакам да ги потсетам дека премиерот и ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалицијата со ЗНАМ дојдоа на власт со една лажна националистичка кампања и реторика“, рече Филипче.


