Предлог-законот за платежни услуги и платни системи го помина комисискиот филтер
Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за платежни услуги и платни системи денеска доби поддршка од членовите на собраниската Комисија за европски прашања.
Препорачано
Заменик-министер за финансии, Николче Јанкуловски во образложувањето пред членовите на Комисијата истакна дека со предлог-измените се уредуваат одредбите од постојниот Закон со кои се уредува начинот на пресметка на сопствените средства на платежната институција, односно институцијата за електронски пари. Исто така, како што потенцира, Европската комисија ги стави на внимание измените на Директивата за платежни услуги ПСД 2 освоени по донесувањето на Законот за платежни услуги и платни системи.
– Имено, на ниво на Унијата во март оваа година е усвоена Регулативата 2024/886 која се однесува на инстант кредитните трансфери во евра со која се менува Директивата за платежни услуги и платни системи ПСД 2 и со истата се пропишуваат услови кои платежните институции и институциите за електронски пари треба да ги исполнат за да им се овозможи пристап до платните системи. Со предложените измени на Законот за платежни услуги и платни системи постојниот закон се дополнува со нов член 135 а со кој се пропишуваат услови за пристап до определени платни системи. Исто така, со предлог измените се прават и измени кои се од национален карактер, односно се пролонгира рокот за воспоставување на Единствениот регистар на сметки чиј администратор е Централниот регистар најдоцна до јуни 2025 година, заради завршување на сите активности поврзани со воспоставување на регистарот – рече заменик-министерот.
Јанкуловски објасни дека во Законот се уредуваат видовите на платежни услуги, дозволата за давањето на платежни услуги, издавањето електронски пари, транспарентноста на условите и обврските за информирање во врска со платежните услуги, правата и обврските на давателите и корисниците на платежните услуги, отворањето и користењето на платежната сметка, преносливоста на платежната сметка, транспарентноста и споредливоста на надоместоците поврзани со платежните сметки и услуги, постапките за решавање на спорови настанати при давањето на платежни услуги, платните системи и конечноста на порамнувањата, надзорот над платежните институции, институциите за електронски пари и операторите на платните системи, воспоставувањето и одржувањето на единствениот регистар на сметки, како и други прашања поврзани со платежните услуги и платните системи.


