Празниците поминаа, елката и натаму си свети

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Согласно договорот за украсување за новогодишните празници, изведувачот е должен да ги отстрани украсите во период од 15 до 25 јануари годинава, по што ќе продолжи уредувањето на плочникот пред ГТЦ.

Скопје и натаму празнично свети како да се очекува највеселата ноќ во годината, иако веќе изминаа дваесет дена од јануари. Конусната елка на плоштадот, сѐ уште непотребно свети и тоа деноноќно, иако во пресрет на празниците таа светнуваше само во вечерните часови. Железните огради кои го оградуваа просторот на „Винтерленд“, останаа и откако ги тргнаа дрвените куќички од зимското село, па граѓаните мораат да вртат околу оградите за да стигнат до Градски трговски центар.

Од Град Скопје велат дека согласно договорот за украсување за новогодишните празници, изведувачот е должен да ги отстрани во период од 15 до 25 јануари годинава. Откако тие ќе бидат тргнати, ќе продолжи реализацијата на проектот за реконструкција на плочникот пред ГТЦ и уредување на овој јавен простор.

Работите околу изградбата на плочникот, кој со години беше еден од најзапуштените простори во центарот на градот, запреа на почетокот на декември, а неговиот недовршен дел беше искористен за таму да се постави новогодишната населба и елката. Наскоро, според најавите од Градот, градежните активности ќе продолжат.

– Со проектот е предвидено да се постават плочки од три вида, а на површина од речиси 5000 квадратни метри дополнително ќе бидат засадени 22 костени, ќе биде изведена патека за лицата со инвалидитет, ќе биде поставена и соодветна урбана опрема со оптимален број клупи, корпи за отпадоци, осветлување и заштитни столбови – потсетуваат од Град Скопје за она што е предвидено со проектот да се прави на овој дел.

Дел од младите костени веќе се засадени, како два дрвореда веднаш пред влезот на ГТЦ.

– Верувам дека граѓаните веќе препознаваат како чекор по чекор го менуваме изгледот на градот на начин што обезбедува сериозно повисоки стандарди за квалитет на урбаните јавни простори. Менувајќи го изгледот на централното градско подрачје на овој начин за 2-3 години сите заедно ќе уживаме во едно многу попријатно и поубаво Скопје со кое уште повеќе ќе се гордееме – рече градоначалникот Петре Шилегов, на крајот на септември кога започна реконструкцијата на просторот пред ГТЦ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот