„Православен Ватикан“ ќе гради Руската црква

Руската православна црква има планови за изградба на сопствен Ватикан, за кој ѝ се потребни околу две милијарди долари. Разговорите на црковните власти со раководството на градот Сергиев Посад во московскиот регион се водат уште од 2017 година.

Намерата е градот да се претвори во „главен град на православието“, јавува Москоу тајмс.

Сергиев Посад е местото каде што се наоѓа манастирот Тројца – Сергиева лавра, кој се смета за духовен центар на Руската православна црква. На почетокот на оваа година црквата побарала од рускиот претседател Владимир Путин да го поддржи проектот, изјавил неименуван извор од руската влада.

Манастирот во 1345 година го основал еден од најславените руски светци, свети Сергеј Радонешки, кој изградил дрвена црква во чест на Светото Тројство на ридот Маковец. Статусот на лавра, односно манастирска населба, манастирот го стекнал во 1744 година.

Црквата сега планира околу манастирот да изгради голем комплекс згради, се наведува во документот од 300 страници, а како инспирации за проектот се наведени Ватикан, Ерусалим и Мека.

Стратегијата повикува на реструктуирање на Сергиев Посад, делејќи го на духовни, станбени и управни окрузи.

Градоначалникот Михаил Токарев процени дека проектот ќе чини околу 140 милијарди рубљи, околу две милијарди долари, и дека ќе заземе една третина од центарот градот, а во него би требало да има музеи, културни центри, теолошка библиотека, хотел, висок црковен суд, медицински центар и православен медиумски центар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот