Постер за претставата „Кој сум јас“ во Театар „Комедија“

Праизведбата на текстот „Кој сум јас?“ од Митко Чешларов во режија на Наташа Поплавска ќе се одржи во Театар „Комедија“

Претставата „Кој сум јас?“ на Митко Чешларов, а во режија на Наташа Поплавска, ќе ја има својата премиера на 27 март (петок), во 20 часот, на сцената на Театар „Комедија“.

Со оваа претстава, Театар „Комедија“ ќе го одбележи 27 Март, Светскиот ден на театарот, како и својот 14-ти роденден. „Кој сум јас?“ е 55. премиера на Театар „Комедија“, а првата премиера беше во 2012 година.

Во претставата „Кој сум јас?“ играат Благој Веселинов, Жаклина Стевковска, Жаклина Петровска, Ева Скендеровска, Матеа Јанковска, Едмонд Сотир, Илија Илиоски, Ана Грамосли и Мина Јелушиќ. Сценографијата е на Војдан Запров, костимографијата на Сара Милевска. За сценските движења е задолжена Ирена Лозинска. Видеодизајнер и фотограф е Емил Петров, а светло дизајнер – Милчо Александров. За изборот на музика е задолжен Александар Јорданов.

„Ништо не е така како што изгледа. ‘Кој сум јас?’ е брза и разиграна фарсична комедија за луѓе што играат улоги во сопствениот живот. Луѓе кои кажуваат едно, мислат друго и прават трето. Луѓе кои позајмуваат идентитети како што позајмуваат пари. Луѓе кои зборуваат за вредности, а тргуваат со нешто друго. Во оваа приказна, работите постепено се комплицираат. Малите лаги бараат нови, поголеми лаги. Ситуациите излегуваат од контрола“, напиша Оливија Трајковска, асистент на режија и асистент драматург.

-Токму тука настапува фарсата. Кога лагата ќе се оттурка предалеку, таа почнува да се распаѓа. Телото издава, а маската почнува да попушта. Преку ритам и телесна комичност, се разголува механизмот на лагата. И токму затоа, сè е смешно. Бидејќи кога вистината станува апсурдна, единствениот начин да се издржи е преку смеа. Секој има причина да биде тоа што не е. Во таа игра на идентитети, ситуациите стануваат неочекувано тензични, брзи и смешни. Хуморот е жив, понекогаш апсурден, понекогаш болен, но секогаш препознатлив – напиша Трајковска.

Претпремиерата на претставата е на 26 март, во 20 часот, во Театар „Комедија“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот