Потресна исповед на Наташа од Тетово: Го изгубивме татко ми, ни забранија да му отидеме на погреб

Таа вели дека молела да му се направи на татко ѝ тестирање за коронавирус, бидејќи ги имал сите симптоми, но никој не сакал да го тестира, а со тоа ги изложил на ризик и останатите членови на семејството.

Вчера напладне беше погребан тетовецот кој почина од коронавирусот. Него до вечното почивалиште во тетовското село Фалине не го испрати никој од најблиското семејство. Неговите ќерка и сопруга, кои живееле заедно со него, се исто така позитивни на вирусот, и поради безбедносни мерки, не им било дозволено присуство на погребот.

Слободен печат разговараше со ќерката на починатиот, Наташа Апостоловска, која низ потресно сведоштво раскажува како е да се биде позитивен на Ковид 19, но и да се изгуби најблизок од истата болест, без можност да се види за последен пат. Со неа направивме една куса ретроспектива, што се случувало неколку дена пред да настапи смртта кај татко ѝ.

– На 23 март татко ми го пуштија од Заводот за рехабилитација Козле. Тој таму беше поради доживеан мозочен удар во октомври месец. Откако состојбата му се влошила бил однесен на гастро, таму пак викаат овој пациент е со температура, не е за тука. Носете го повторно во Козле. Во Козле не сакаат ни да слушнат да го примат назад. Татко ми си дојде дома, но за кратко – вака Наташа ја почнува потресната исповед.

Таа вели дека молела да му се направи на татко ѝ тестирање за коронавирус, бидејќи ги имал сите симптоми, но никој не сакал да го тестира, а со тоа ги изложил на ризик и останатите членови на семејството.

– Се јавив на бројот на Институтот за јавно здравје, им ги кажав симптомите, но ми рекоа дека не можат да го тестираат. Посочија дека штом бил хоспитализиран во Козле, дека од таму треба да побараат тестирање. Се јавив и во Козле, од таму ми рекоа дека тоа не е нивна обврска. Се обидував да им објаснам, но залудно, не побараа тестирање за татко ми. Состојбата му се влоши, не можеше да дише. Се јавивме во ЦЈЗ, ни рекоа носете го на Инфективна – раскажува Наташа.

Потоа следувал транспорт до Скопје

– Кога дојде брзата помош, забележав дека никој од нив не носи заштитни ракавици ни маски, а им беше кажано дека има симптоми на коронавирус. Татко ми беше однесен со возило на брза помош во Скопје, без придружба на лекар, спротивно на сите протоколи – тврди Наташа.

Потоа следувала дезинфекција на нивниот дом и тестирање на членовите од семејството, по што Наташа и мајка ѝ добиле резултати кои покажувале дека се позитивни на коронавирус.

Таа тврди дека татко ѝ вирусот го добил од вработените во Козле, поточно од болничарот кој носи храна и од физиотерапевтот.

– Сигурна сум дека болничарот и физиотерапевтот се позитивни на вирусот. Татко ми од нив се заразил. Не е точно дека вирусот му е пренесен од некој кој доаѓал на посета, бидејќи на посета беше само мајка ми и тоа само еднаш, кога и било побарано да му однесе пелени и да му направи хигиенска нега.

Не е точно дека имал тумор на мозок

– Остро ја демантираме изјавата на министерот за здравство Венко Филипче дека татко ми имал тумор на мозок. Единствено е точно дека пред 33 години беше опериран од тумор на мозок, по што до сега живееше нормален живот – истакнува Апостоловска.

Семејството на починатиот најавува покренување на обвинение.

– Подготвени сме да се соочиме со нефункционалниот здравствен систем. Ќе покренеме обвинение спрема лекарите кои ја потпишале отпусната листа и дома пратиле болен човек, со тешка клиничка слика, што е потврдена сега и со негова смрт, и за болницата бидејќи не ги почитувала прописите за време на епидемија, со што го загрозија животот на татко ми, а на нашето семејство му предизвикаа болка, со тоа што бевме спречени да одиме на погреб – истакнува Наташа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот