Потпишани цртежи на Мајкл Џексон ќе бидат понудени на аукција во Лос Анџелес
Неколку десетици уметнички дела на американскиот поп-пејач Мајкл Џексон ќе бидат понудени на аукција што ќе се одржи на 3 август во Лос Анџелес.
Препорачано
Од аукциската куќа „King’s Auctions“ соопштија дека локацијата на овој настан ќе биде објавена подоцна и дека ќе биде „врвна локација во Беверли Хилс“.
Според најавата, на аукција ќе бидат понудени 78 цртежи од починатиот крал на попот, а секој цртеж е потпишан лично од него, „давајќи им на победниците на аукцијата парче од историјата на иконата и поп-музиката“, пренесува „Холивуд репортер“.
Џексон, кој почина во 2009 година на 50-годишна возраст од акутна интоксикација со пропофол, беше доживотен љубител на ликовната уметност и почна да црта на млада возраст.
За време на турнеите Џексон често црташе и тоа му стана хоби.
„Тој беше под влијание на многу уметнички жанрови, од класичен и архитектонски до поп-арт, па дури и формален портрет. Тој исто така имаше голема наклонетост кон Лондон и британските обичаи“, се вели во најавата на „King’s Auctions“.
Аукцијата се спроведува во соработка со огранокот на „King’s Auctions“ во Лос Анџелес. Онлајн-наддавањето во живо ќе биде достапно преку „LiveAuctioneers“, а делата ќе бидат изложени во Беверли Хилс и Лас Вегас.


