Пост-панк дуото СИЗ го објави новиот студиски албум со наслов „Ова е СИЗ“
Македонските андерграунд ветерани СИЗ (SIZ) го објавија својот нов албум со наслов „Ова е СИЗ“ („This is SIZ“), кој веќе е достапен на сите дигитални платформи, како и на Bandcamp. За неколку месеци, албумот ќе биде објавен и на винилна плоча, во лимитирано издание на домашната „Green Hill Records“ и „Pop Depresija“ од Белград.
Препорачано
Албумот „This is SIZ“ ја спојува суровата енергија со ефектни аранжмани. Нема ни еден момент на мир – ова е сведена, експлозивна музика што врие од идеи и емоции. „Ова е музика за танц и музика што те тера да размислуваш. Го направивме албумот во кој е вграден ДНК-то на СИЗ. Ова сме ние, ова е СИЗ“, велат Ивица и Јане.
СИЗ се Ивица Димитријевиќ (гитара и вокал) и Јане Трајковски (синт и електроника). Во повеќе од една деценија постоење, тие имаат објавено четири студиски албуми: „Responsibility“ (2012), „Wake Up“ (2013), „This is not a showbiz“ (2014) и „Essence“ (2015).
На „This is SIZ“ се наоѓаат 12 песни, од кои девет се новоаранжирани верзии на претходно објавени песни, и три се сосема нови. Албумот е снимен и миксан во Скопје од Јане Трајковски, а за мастерингот бил задолжен Виле Хивонен од Хелсинки. Продукцијата е на бендот, кој го задржал својот препознатлив DIY (Do It Yourself) пристап и целосна уметничка слобода. Дизајнот на омотот е дело на Коста Лазаревски.

Легендарниот музички новинар Џон Роб своевремено вака ги опиша СИЗ: „Тоа е возбудлив и енергичен судир на рифови, со самоувереноста на Џон Спенсер и инвентивниот гитарски дијалог на ‘Fire Engines’. Тоа е фри-џез, тоа е панк-рок, тоа е фанк… Ова не е мрзлив ноиз, туку високо интелигентен судир на рифови што потсетува на остриот, аголен британски пост-панк. СИЗ градат храбра нова иднина од реликвиите на пост-панкот и звучат целосно возбудливо и поинаку.“


