Последна шанса пред полициски час: Маски, полупразни автобуси и збогум настани!

Автобуска постојка / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Откако изминатата недела процентот на позитивни од тестирани за коронавирус достигна 24 проценти, „се крчкаат“ нови мерки. Ако не се намали бројот на хоспитализации во болниците ширум земјава, ако граѓаните не носат маски и не престанат да се собираат на прослави по различни поводи, ќе следува полициски час односно целосно ограничување на движењето.

Пред да се воведе полицискиот час, кој веќе почнаа да го применуваат некои земји од соседството, како на пример Словенија, македонските здравствени власти ќе се обидат со два пакети мерки да ја ублажат пандемијата и да ја доведат под контрола.

Словенечката влада, се чини, немаше избор: Седум од 12 региони од полноќ во карантин

Министерот за здравство Венко Филипче до владата достави предлог кој најверојатно ќе биде прифатен, а вклучува сите бизниси, вклучително и угостителските објекти да затвораат во 23 часот, сите превозници да возат со преполовен капацитет на патници и комплетно да се забрани одржување на јавни настани од секаков вид.

Исто така, ќе се предложи и јавната администрација, судовите и сите институции да работат во смени, каде што е возможно вработените да ги извршуваат работните обврски од дома и да ротираат за да се спречи сите да се заразат одеднаш. Претходниот пакет предложени мерки веќе беше одобрен од владата и е испратен во Собранието каде што се очекува неделава по брза постапка да биде изгласан.

Со ова всушност, ќе се промени Законот за заштита на населението од заразни болести, па така сите граѓани ќе мора да носат маски и на отворен простор, после 22 часот нема да смее да се групираат а во едно домаќинство ќе смее да се примат максимум четворица гости. Смртноста од коронавирусот, која заедно со пополнетоста на болничките капацитети е главен индикатор за справувањето со пандемијата, се влошува.

Само во последниот извештај на Институтот за јавно здравје регистрирани се дванаесет смртни случаи и тоа на пациенти меѓу 41 до 86 години. Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, која е еден од главните стожери за лекување на заболените од коронавирус со средна и тешка клиничка слика, изминатите денови е на работ на пополнетост, поради што подготвена е и монтажната болница во дворот од клиниката, а мобилизиран е медицински персонал од други клиники.

Во болницата 8 Септември има 47 хоспитализирани од кои четворица се на респиратор. Во болницата Козле има шест деца и шест мајки со позитивни тестови на коронавирус, во битолската болница 45, во Штип 56 пациенти. Во останатите болници во Тетово, Велес, Охрид, Прилеп, Куманово, Гостивар, Струмица, Струга и Кочани хоспитализирани се 230 пациенти.

Претседателот на Комисијата за заразни болести, доктор Жарко Караџовски на почетокот на пандемијата најави дека вкупниот број болнички кревети ширум земјава што може да се стават во употреба едновремено е илјада. Во моментов има активни над 5.500 случаи на коронавирус во земјава.

По градови предничат Скопје со 2670, Прилеп 226, Тетово 288 и Штип 159 случаи. Во Скопје, најмногу случаи има во Аеродром, 534, во Центар 445 и Карпош 446.

И земјите во регионот се соочуваат со драстични скокови на заразени со Ковид 19. Така во Бугарија од 4400 тестови дури 1008 биле позитивни, во Хрватска има 890 нови заболени во еден ден.

За една недела раст од 20 проценти на потврдени случаи во Македонија

Институтот за јавно здравје потврдува дека минатата недела регистрирани се 2.676 нови случаи на коронавирус во 34 градови што е зголемување за речиси 20 проценти споредено со неделата претходно. Регистрираните заболени биле во сите возрасни групи, но најмногу на возраст од 30 до 39 години, вкупно 559 лица.

Изминатата недела се регистрирани над 2.600 новозаразени, секој петти тестиран е позитивен

Вкупно 522 случаи се на возраст од 40 до 49 години, а најмалку заразени има меѓу децата до 9 години, само 79. Тестирани се вкупно 13.213 материјали во лабораториите за молекуларно тестирање за Сарс Ков 2. Од случаите кои се епидемиолошки истражени, од 1313 лица, 305 имале придружни болести, а 96 завршиле в болница.

СЗО: Ставете ги контактите во изолација

Шефот на службата за итни случаи на СЗО Мајкл Рајан им порача на властите ширум светот да се фокусираат на изолирање на контактите на заразените со коронавирус и неуспешноста тоа да се стори го оцени како главна причина за разгорување на пандемијата.

-Да можев да посакам едно нешто, за да ја смениме состојбата, тоа е да се осигураме дека секој што бил во контакт со потврден случај на ковид е во изолација за потребниот период за да се спречи ширењето, рече Рајан во Женева.

Според него, тоа не се прави на систематски начин и доведува до високи бројки на новозаразени.

СЗО со порака до властите: Ставајте ги контактите во изолација (ВИДЕО)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот