Поранешниот сопственик на „Порнхаб“ го мерка „Лукоил“
Австрискиот бизнисмен Бернд Бергмајр, поранешен мнозински сопственик на група за содржина за возрасни во која спаѓа и веб-страницата „Порнхаб“, се обратил до Министерството за финансии на САД за купување на меѓународните средства на санкционираната руска нафтена компанија „Лукоил“, изјавија за „Ројтерс“ два извора запознаени со случајот.
Препорачано
САД воведоа санкции за „Лукоил“, најголемиот приватен руски производител на нафта, како дел од напорите да извршат притисок врз Москва да ја прекине војната во Украина.
Санкциите ја натераа компанијата да најави продажба на своите странски средства. Повеќе потенцијални купувачи веќе се обратиле до американските власти за дозвола да преговараат со „Лукоил“.
Листата за купување на Лукоил се проширува, меѓу заинтересираните купувачи и американски компании
Преку свој адвокат, Бергмајр одбил да прецизира за кои средства е заинтересиран, дали веќе стапил во контакт со „Лукоил“ или дали делува како дел од инвестициски конзорциум.
– Очигледно е дека „Лукоил интернешнал“ би била одлична инвестиција и секој би имал среќа да ги поседува тие средства. Како правило, не коментирам за потенцијални инвестиции – изјави тој за Ројтерс.
Изворите сакале да останат анонимни поради чувствителноста на прашањето.
Интересот за странските средства на „Лукоил“ порасна откако Министерството за финансии на САД минатиот месец даде зелено светло компаниите да започнат разговори со рускиот нафтен гигант.
Одобрувањето важи до 13 декември, а секоја зделка би морала да добие дополнително американско одобрување.
Романија даде зелено светло: Ако дојде криза, Владата ќе го преземе „Лукоил“
Компанијата, со седиште во Виена, поседува рафинерии во Европа, удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Ирак и во Мексико, како и стотици бензински станици ширум светот. Средствата се проценуваат на околу 22 милијарди долари според финансиските извештаи за 2024 година.
Портпаролот на Министерството за финансии на САД одбил да коментира дали Бергмајр контактирал со институцијата.
Бергмајр, кој во 1990-те работел како инвестициски банкар во „Голдман Сакс“ во Њујорк пред да премине во приватни инвестиции, беше мнозински сопственик на „Мајндгик“ — луксембуршка компанија во чија сопственост се „Порнхаб“, „Редтјуб“ и „Јупорн“ — до 2023 година, кога беше продадена на канадски инвестициски фонд.
Британската „Сандеј тајмс рич лист“ во 2021 година го процени неговото богатство на најмалку 1,6 милијарди долари.
Собранието склучи двегодишен договор со „Лукоил“, и покрај неизвесноста околу руската компанија


