Пораки за Светскиот ден на танцот: Уметност создадена со целото тело и душа
Светскиот ден на танцот секоја година низ целиот свет се одбележува на 29 април. Македонскиот центар ИТИ/Продукција и оваа година ги проследи светската и македонската порака.
Препорачано
Авторка на македонската порака е Олга Панго, балерина, кореограф, балетски педагог и Уметнички раководител на Балетот при НОБ.
– Танцот е начин на изразување, комуникација, љубов и несебично вложување во телото како инструмент, кој создава совршена музика, која може да се визуелизира. Танцот е мост кој го користиме да поминеме од една на друга страна: од потемна кон посветла, од незнаење кон знаење. Убавина која ја живееме во сите негови форми. Од почетоците на светот, кога луѓето го користеле телото како изразно средство, па сè до најсовремените форми кои ги имаме како танцов вокабулар, можеме да ги напишеме нештата кои не се пишуваат со букви и не се говорат со зборови. Танцот е слобода со која се надминуваат најсложените и најтешките ситуации во животот – меѓу другото, е напишано во пораката на Олга Панго.

Авторката на светската порака, Канг Су-Јин, танчерка и уметничка директорка на Националниот балет во Јужна Кореа, фокусот го стави на ограничувањата кои ковид-пандемијата ги наметна на танчерите низ целиот свет, откривајќи нови значења на „танцот“ и „танчерите“.

– Во далечното минато, танцот бил примарна комуникациска експресија, зборови изразени преку гестови; танцот претворајќи се во уметност на перформансот ги придвижува душите и ја инспирира публиката. Танцот е уметност на моментот и тешко е да се реставрира во нејзината оригинална форма и облик, тогаш кога станува завршен, бидејќи е создаден со целото тело и душа. Танцот се создава во ефемерни моменти, ги одредува танчерите да бидат засекогаш во движење. Додека ковид-19 ѝ наметна рестрикции, па дури ја блокира уметноста на танцот во нејзината изворна изразна форма… Осамената и истоштена публика е жедна да ги теши и поддржува танчерите. Како танчери ние веруваме дека ширењето на нашите танцови крилја им дава надеж во срцата на оние кои ја љубат уметноста на танцот и им дава храброст да ја надминат пандемијата. Моето срце почнува повторно да отчукува танцувајќи – потенцира Канг Су-Јин.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 126, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 30 април – 2 мај 2022)


