Поплавите направија пустош, се проценуваат штетите

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа за силен и голем град во Општина Лозово и дека во Тетово некои улици, одредени подвозници и пониските дворови беа речиси целосно поплавени, како и подрумите и приземјата на повеќе куќи. Дожд имаше и во Скопско.

Невреме какво што не се памети во последните години, со силен дожд, град и грмотевици, викендов ги зафати Тетово, Куманово, Струмица, Скопје, нивните околни села и неколку други општини во земјава. Според УМХР, најмногу дожд – 39 литри на квадратен метар наврнаa во Ѓуриште, 34 литри во Тетово, 22 во Прилеп и Пожаране, а 16 литри во Скопје. Нестабилноста започна во западните делови, па се поместуваше кон исток, а најинтензивни процеси имаше во Полошкиот регион, потоа Пелагонија, Велешко, Светиниколско, Скопско, Кумановско.

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа за силен и голем град во Општина Лозово и дека во Тетово некои улици, одредени подвозници и пониските дворови беа речиси целосно поплавени, како и подрумите и приземјата на повеќе куќи. Дожд имаше и во Скопско. Пријавено беше дека има излевање на атмосферска вода во кумановската населба Карпош.

Регионалните центри за управување со кризи известија дека нивни екипи со пумпи за испумпување вода работеле на критичните места.

Градоначалникот на Тетово Биљал Касами, по одржаната седница на Општинскиот кризен штаб, информираше дека за справување со состојбата ќе се бара помош од Владата.  Обилните врнежи од дожд во Тетово траеја околу еден час и беа толку силни што се поплавија голем број улици низ градот. Поплавени беа улици и булевари во сите делови од градот без разлика на местоположбата. На неколкумина жители на Тетово им беа поплaвени и возилата оставени на улиците, како кај касарната, подвозникот за село Фалише и на други места. Водата влезе и во дворовите на куќите како и во подрумите. Во дел од дворовите поради надојдената вода на граѓаните им беа поплавени и оштетени разни апарати и предмети што биле оставени на тие места.

– Несоодветните инвестиции во делот на атмосферската канализација дадоа резултат на тоа повеќе од улиците, булеварите и кружени текови да бидат блокирани и беа под вода. За жал, дел од таа вода отиде во подрумите на куќите, особеново делот кај „Тетовчанка“, „Тетекс“ и во целото градско подрачје кое е во долниот дел на градот. Исто така, беа поплавени некои јавни институции во ситуацијата, училишта и градинки – изјави Касами.

Пороен дожд, наместа проследен со врнежи од град и силни електрични празнења, го зафати Куманово и околните села. Граѓаните од приградските населби информираа дека на одредени места паѓал град со големина на лешник. Засега нема пријавено значителни штети од градот, само на неколку места има скршени гранки од дрвја. Од силниот и голем град се пробиени и некои од азбестните покриви на куќите, оштетени се и голем број автомобили, искршени стакла, како и возниот парк на Општина Лозово, информира Бошко Цветковски, градоначалник на Општина Лозово.

– Штетата е огромна особено на овошките, лозовите насади и пластениците, кои буквално се столчени од силното невреме со зрна град поголеми од орев – рече Цветковски.
Ова е второ невреме во Општина Лозово за неколку денови.

Од невремето во Струмичко беа поплавени повеќе улици во долниот дел на градот, околу улицата „Младинска“, како и повеќе подруми, а силниот ветар урна и неколку дрвја. Во селата под планината Беласица настрадале посеви на отворено, а најмногу штети имало врз бостанот.

Екипи на противпожарната единица и комуналното претпријатие се на терен и интервенираат на неколку локации во градот и низ населените места. Градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов порача да ги пријават штетите лично кај него или во Општината.

Невремето проследено со силен дожд и град ги оштети овошните насади во Преспа. По извршениот увид на состојбите, градоначалникот на Општина Ресен Јован Тозиевски најави дека локалната самоуправа ќе формира општинска комисија за евидентирање и процена на настанатата штета кај овоштарниците.

Работењето на рудникот Суводол на РЕК „Битола“ е нормализирано. По обилните врнежи што во петокот и саботата предизвикаа поплава, ископот на јаглен продолжи според планираната динамика, соопшти АД Електрани на Северна Македонија.

Костадинов: Невремето не предизвика поголеми материјални штети во Општина Струмица

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот