Пoпис најдоцна во април!

Плоштад „Македонија“, Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Европската унија како услов го поставува пописот пред отпочнување на преговорите.

Владата повторно го испраќа предлог Законот за попис во собраниска процедура, со надеж дека Македонија по 18 години конечно ќе се преброи. Очекувањата се дека статистичката операција би се извела најдоцна во април наредната година, а токму ова прашање било и дел од коалицискиот договор на владејачките партии.

Првиот човек на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски вели дека институцијата е веќе одамна подготвена да го спроведе пописот, бидејќи, како што вели, тој претставува обврска, како кон граѓаните, така и кон државата.

Пописот е прв приоритет и од страна на Брисел и се надевам дека законот што поскоро ќе добие зелено светло во Собранието. Спроведувањето на пописот е бенчмарк, односно де јуре и де факто услов за отворање на кластерот посветен на правдата во преговорите со ЕУ, бидејќи во него, како поглавје 18 е токму статистиката, како и делот за правосудството, т.е. поглавјето 23 со кое ќе стартува преговорачкиот процес, изјави директорот на Заводот за статистика, Симовски.

Властите очекуваат дека веќе во декември годинава ќе се одржи првата меѓувладина конференција, по што ќе започне билатералниот скрининг на релација Скопје – Брисел, а техничкиот е веќе завршен. Од Министерството за правда брифираат дека поглавјата би се отвориле кон средината на наредната година.

Министерот Бојан Маричиќ откри дека спроведувањето на пописот било и дел од договорот за коалицирање меѓу „Можеме“, предводена од СДСМ и ДУИ, а забрзувањето на процесот го поврза и со претстојните локални избори.

– Тој закон беше доставен во Собранието пред изборите, но како Влада остануваме зад текстот и повторно го предложивме во собраниска процедура. Ќе имаме определени измени единствено во делот на роковите, бидејќи оригинално кога беше предложен требаше да стапи на сила година дена откако ќе биде донесен, а сега веќе немаме време за чекање, бидејќи за година дена отсега ќе бидат локалните избори, изјави министерот за правда. 

Маричиќ додаде дека определбата на Владата е пописот да се спроведе пред локалните избори и очекува предлог законското решение да се усвои најдоцна до крајот на годинава, па доколку се исполнат очекувањата најверојатно догодина ќе се гласа со пречистен Избирачки список.

Претходно предлог законот за попис покрена лавина реакции, бидејќи текстот осамна без графата за етничка определба, но поради притисок од јавноста беше повторно вратена во предложеното решение.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот