Поништен огласот и за избор на член на Судски совет — кандидат дал лажна изјава?
Откако беше поништен огласот за избор на нов член на Антикорупциската комисија, по втор пат поништен е и огласот за избор на член на Судски совет бидејќи еден од кандидатите наводно дал лажна изјава и пратено е известување до претседателот на Собранието Африм Гаши, потврди за „Слободен печат“, претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, Ѓорѓија Сајкоски.
Препорачано
Како што брифираат од Собранието, еден од двајцата кандидати, Сејфула Османи, наводно дал лажна изјава односно не кажал дека бил разрешен додека бил судија во Основниот суд Гостивар.
Оваа одлука била соопштена на вчерашната седница на Комисијата. На објавената снимка може да се слушне дека Сајкоски кажува дека поништен е огласот за избор на член на ДКСК бидејќи Комисијата не утврдила ранг – листа на кандидати и дека се повлекува огласот и за член на Судски совет.
-Комисијата за прашања на избори и именувања го повлекува материјал извештајот за спроведена постапка за огласот за избор за член на Судскиот совет што го избира Собранието и предлог листата на кандидати кои Комисијата ги утврди на седница на 5 март 2026 година – вели Сајкоски на Комисијата без никакво образложение и без ниту еден член на Комисијата да земе збор.
Адвокатот Османи кој се претстави како доктор на правни науки и експерт по меѓународно право, најисцрпно и најсуштински одговараше на прашањата на јавните интервјуа и уште на почетокот кажа дека се откажал од судиската функција за да не потпадне под политичко влијание.
– Судскиот совет треба да им даде заштита на оние судии што не сакаат да потпаднат под влијание. Судиите некогаш се чувствуваат ранливи бидејќи никој не ги штити. Не сум за тоа да се бранат судиите што се корумпирани, тие треба да бидат осудени, но да се заштитат оние што работат. Судиите треба да станат партнери со Судскиот совет, а не да бидат на две спротивставени страни. Потребни се јасни морални и професионални критериуми, црвени линии што не смеат да се преминат, без разлика кој врши притисок – рече Османи на своето претставување.
Собранието всушност требаше да избере меѓу него и кандидатот Арбер Исаку кој два мандати беше „тивок“ член на Советот на јавни обвинители и кој имаше многу кратко претставување на јавната расправа на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата.
Сепак на седница не се гласаше за никој од кандидатите, а потоа „Фокус“ објави дека Османи во 2010 година бил разрешен од Судскиот совет за „нестручно и несовесно вршење на функцијата“.
Објавено беше решение од Службен весник во кое се наведува дека е разрешен. Овој факт оди против кандидатурата на Османи, иако дел од правните толкувања се дека тој се повлекол пред да биде разрешен, односно против него се водела дисциплинска постапка за нестручно и несовесно работење, па Советот формално, иако се повлекол, морало да констатира дека бил разрешен од функцијата.
Двајцата кандидати беа на предлог на Беким Ќоку од Вреди, но минатата недела на собраниска седница не се гласаше за ниту еден од нив. Една од причините за поништување на огласот е и тоа што можно е да нема политички договор меѓу партиите за Бадентерово мнозинство што е потребно за избор на кандидатот за член на Судски совет од немнозинските заедници на местото на Селим Адеми, чиј мандат истече уште минатата година.
Поништен беше и претходниот оглас за член на Судски совет бидејќи членот што беше предложен се избра по стариот Закон за Судски совет, а најголемо работно искуство имаше како полициски инспектор. Сега Собранието треба по трет пат да распишува оглас за член на Судското тело, иако петмина кандидати кои ги исполнуваа условите имаа јавно претставување.
Поништен е огласот и за испразнетото место во ДКСК, откако Цвета Ристовска си поднесе оставка, а причина е сомнеж дека еден од кандидатите можеби бил донатор на политичка партија во последните десет години.


