СВР Тетово расадник за кадри – од одделение за прекршоци „катапултиран“ во Судскиот совет со правописни грешки
Од Одделението за прекршоци во СВР Тетово, без ниту еден ден судиски стаж или каква било работа во суд, само со положен правосуден испит и многу правописни грешки во својата биографија, Аљбан Кадриу, ако биде изгласан на собраниска седница, ќе седне во Судскиот совет, каде што ќе треба да одлучува за избор и за разрешување судии. Tој треба да дојде на местото на Селим Адеми, кому му заврши мандатот.
Препорачано
Кадриу се „протна“ во Собранието пред да биде изгласан новиот Закон за судски совет, на кој со години работеа работни групи, го усогласуваа со препораките на европските оценски мисии и експерти и во кој се предвидуваат построги критериуми за избор на членови од редовите на „истакнатите правници“.
Неговото име го предложи претставникот на владејачката коалиција Вреди, Беким Коќу, на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, и беше изгласан со осум гласа „за“, претставен како дипломиран правник со положен правосуден испит од Тетово.
Вака Мицкоски го качува нискиот рејтинг на правосудството
Иако премиерот Христијан Мицкоски и пред да дојде на власт и откако стана премиер вели дека судството со два процента доверба го „држат“ кадри на СДСМ и на ДУИ, продолжува старата практика во судството, само што сега оние што важеа за блиски до ДУИ се заменуваат со кадри што ги предлага Вреди.
Биографијата, која Кадриу ја доставил до Собранието со правописни грешки во неа, („докторатура“, „Корел Дров“ и многу други) е објавена на социјалните мрежи. Во телото што со години го „тресат“ скандали, за првпат ќе седне човек што доаѓа од Министерството за внатрешни работи. Кадриу во 2007 година кратко работел во Владата, а потоа станал помлад соработник во Министерството за внатрешни работи.
Интерпелации на членови на Судски совет – Весна Дамева прва на удар во Собрание
„Помлад соработник од 2008 година СВР Тетово, соработник во СВР Тетово 2009 СВР Тетово, виш советник во Одделение за прекршоци Тетово 2010 година, главен советник во Одделение за прекршоци Тетово 2015 година, посебно решение за формирање на работна група за изготвување Предлог-закон за заштита на сведоците од 30.8.2017 година“, пишува во неговата биографија.
Кадриу напишал дека во неговиот работен век професионално, совесно и навремено ги вршел сите работни задачи и должности што му биле дадени, а за кои бил должен да ги работи во согласност со законот и другите подзаконски акти.

„Сум посетувал многу советувања, семинари, тркалезни маси, како и советувања и семинари во Академијата за судии и јавни обвинители од сите области, со посебен осврт на кривичното право и меѓународното право. Поради тоа, сметам дека сум покажал солидни резултати во досегашната моја работа и со моето досегашно работно искуство како правник ги исполнувам условите да бидам доследен член во Советот на судии, и со моето залагање во работата ќе придонесам за успешно спроведување на реформите во правосудството во РС Македонија“, пишува тој во својата биографија.
Мицкоски сега тврди дека тие како влада не можат ништо да направат ако тој ги исполнува формалните услови, бидејќи тоа е кандидат што го предлага Собранието.
– Тоа е кандидат што го гласа Собранието за член на Судскиот совет од редот на малцинствата повеќе од 20 проценти, односно во случајот дел од албанската заедница во Македонија. Сè додека кандидатот ги исполнува условите во согласност со повикот и сите тие критериуми според Закон, ние тука не можеме ништо да направиме како влада. На крајот од денот, останува пратениците да одлучат или ќе побараат некое друго решение. Ова не е предлог на Владата, туку е предлог што доаѓа од парламентот – рече Мицкоски.
Се „протна“ според стариот Закон за судски совет
На местото на Селими и на местото на Ханиф Зендели ќе се избираат членови според стариот Закон за судски совет, кој предвидува поблаги критериуми за „истакнат правник“. Кога беа пуштени огласите за избор на нови членови, заменик-министерот за правда Ален Деребан образложуваше дека морало да се запазат роковите и дека за новиот закон ќе се чека мислење од Европската комисија, но завчера изненадувачки предлогот влезе во собраниска процедура и доби поддршка од опозицијата.
– Новиот закон веќе е во парламентарна процедура, помина на Венецијанската комисија, чекаме мислење од Европската комисија, но тие имаа експерти во неговото изготвување, така што не очекувам дека ќе бидат против. Очекувам до крајот на годината да се донесе и предлозите од Кабинетот на претседателката да бидат дел од собраниската процедура – рече Мицкоски.
СВР Тетово стана расадник на кадри за највисоките судско-обвинителски тела. Последниот член што беше изгласан во Советот на јавни обвинители Фатих Алиу бил началник на Одделението за прекршоци во СВР Тетово.
Документарист и началник за прекршоци од Тетово стана член на Советот на јавни обвинители
Според биографијата што ја доставил до Собранието, Алиу од тетовско Горно Седларце завршил Правен факултет во Скопје, а во 2007 година положил правосуден испит. Работниот век го поминал во СВР Тетово, каде што од 2002 година работел како приправник, а набрзо бил распореден на работно место документарист.
Остра реакција: Им изгласаа интерпелација за старите членови, а избраа нов по исти критериуми
Собранието кое ги критикуваше членовите од редот на истакнатите правници избрани по стари критериуми и им изгласаа и интерпелација, сега, наместо да го да го донесат новиот Закон и да ги применат унапредените критериуми, пак избира член по истата постапка, реагира Блупринт групата за реформи во правосудството откако беше предложен Аљбан Кадриу од СВР Тетово за нов член на Судскиот совет.
Апелираат до Собранието, пред да избере нов член доследно да ги почитува сопствените заложби за подобрување на критериумите за избор на член на Судскиот совет од редот на истакнати правници и што поскоро да го усвои новиот Закон за Судскиот совет.
Тие се загрижени и оддолжувањето на новиот Закон за судски совет кој неоправдано се оддолжи, но се забрза по објавувањето на огласите за избор на членов на нов член од редот на истакнатите правници.
-Ја изразуваме нашата длабока разочараност поради предлагањето нов член на Судскиот совет на РСМ од редот на истакнати правници кои ги избира Собранието на РСМ само неколку дена пред започнување на собраниската постапка за донесување на новиот Закон за Судскиот совет. Иако измените на овој закон долго време се подготвуваа како резултат на претходните случувања и со цел подобрување на составот и работата на Советот, процесирањето на законот неоправдано се оддолжи. Дури по објавувањето на огласите за избор на нов член од редот на истакнати правници, постапката беше нагло забрзана. Загриженоста е уште поизразена ако се има предвид дека целокупниот процес беше внимателно следен од страна на меѓународната заедница. Наместо демонстрација на институционална зрелост во спроведувањето на обврските од реформската агенда и доследна имплементација на Стратегијата за развој на правосудството, се создава перцепција дека ваквите постапки го релативизираат, па дури и го изигруваат реформскиот процес.Наместо избор кој би се темелел на јасно утврдени и повисоки професионални стандарди за критериумот „истакнат правник“, како што беше предвидено со новото законско решение, постои реален ризик повторно да се применат застарени и веќе широко критикувани практики. Ваквиот пристап сериозно ги поткопува очекувањата на јавноста дека новата законска рамка ќе придонесе кон избор на членови со докажан професионален интегритет, висока стручност и значително искуство во областа на правото – се вели во реакцијата.


