Саебедин Даути

Кандидат за градоначалник од Вреди и повереник на Владата во Гостивар сакаат да бидат членови на Судски совет

Кандидат за градоначалник на Вреди, повереник на Владата за Општина Гостивар, поранешен член на Советот на јавни обвинители се дел од петмината кандидати што се појавија на јавната расправа на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата што ги исполниле условите на огласот за избор на член на Судскиот совет што го избира Собранието.

Речиси сите кандидати беа од Гостиварско, освен Арбр Исаку, кој два мандата беше член на Советот на јавни обвинители и кој доаѓа од Тетово. Една од кандидатките, Светлана Попова, не се појави.

Прв се претстави нотарот од Гостивар, Сабаедин Даути, кој најголем дел од кариерата бил инспектор и началник за криминалистичка полиција во Гостивар, две години бил судија во Основниот суд Гостивар и в.д. претседател на овој суд, а од 2010 година е нотар.

Саебедин Даути

Тој кажа дека ќе се залага за независност, професионална етика и судиска функција ослободена од какви било влијанија, за транспарентност и мерит-систем, но не кажа дека бил кандидат за градоначалник на Вреди во првиот круг на локалните избори за Гостивар, кога не беше обезбеден цензус. Тој рече дека бил кандидат, но не и член на политичка партија.

Од кандидат за градоначалник до кандидат за Судски совет

– Да, точно е, бев кандидат за градоначалник на Гостивар предложен од Вреди, меѓутоа јас како нотар се консултирав со Нотарската комора, од Министерството за правда и ми рекоа дека може да бидам кандидат. Никогаш не сум бил член, ниту сум присуствувал на состаноци на партијата. Во Гостивар беа повторени изборите – рече Даути.

Арбер Исаку – Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Кратко се претстави и Арбер Исаку, кој од 2016 до 2024 година, односно осум години беше член на Советот на јавни обвинители, каде што два мандата беше „тивок“, а бил и советник во Владата од 2009 година. Сега работи како адвокат. Тој рече дека ќе ги почитува законите, ќе брои колку одлуки на судии биле укинати, потврдени, преиначени.

Најисцрпно и најсуштинско претставување и одговарање на прашањата имаше адвокатот Сејфула Османи, доктор на правни науки, универзитетски професор и експерт по меѓународно кривично право. Уште на почетокот кажа дека се откажал од судиската функција за да не потпадне под политичко влијание. Тој рече и дека никогаш немал политички ангажман и нема ни да има.

Сејфула Османи Фото. Слободен печат/ Драган Митрески

– Судскиот совет треба да им даде заштита на оние судии што не сакаат да потпаднат под влијание. Судиите некогаш се чувствуваат ранливи бидејќи никој не ги штити. Не сум за тоа да се бранат судиите што се корумпирани, тие треба да бидат осудени, но да се заштитат оние што работат. Судиите треба да станат партнери со Судскиот совет, а не да бидат на две спротивставени страни. Потребни се јасни морални и професионални критериуми, црвени линии што не смеат да се преминат, без разлика кој врши притисок – рече Османи.

Слични заложби имаше Феузи Џафери, адвокат од Гостивар, кој по вторпат се пријавува на огласот, а се пријавил и за член на Државната комисија за спречување на корупцијата. Тој не објасни зошто се пријавил на двата огласи и која е нивната поврзаност, само кажа дека работел како истражувачки новинар и се борел против корупцијата.

Феузи Џафери Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

– Мислам дека можеме да имаме независно судство и дека можам да придонесам во таа насока – рече Џафери, кој додаде дека ќе се залага за транспарентност.

Поверник за Владата во Гостивар

 

Фадиљ Џелили, адвокат од Гостиварско, во 2010 година беше избран за заменик-претседател во Основниот суд во Гостивар, но во 2014 година против него беше поведена постапка за одговорност. Ваквиот чекор, според него, бил направен од политички побуди.

Фадил Џелили

– Бев зачуден од ваквата постапка за одговорност. Сите што ме познаваат знаат дека сум непопустлив, а тоа можеби е мана во денешно време. Не дозволив тие да постапат и отидов во Судскиот совет и си поднесов оставка. Оттогаш работам како адвокат. Од 1999 година не сум бил во политичка партија, затоа што политиката на нашите простори е таква каква што е – рече Џелили.

И тој како и првиот кандидат не кажа дека бил повереник на Владата за Гостивар во меѓупериодот кога немаше избрано градоначалник.

– Во Гостивар не се постигна цензусот, па бев именуван за повереник на Владата. Јас реков дека ниту сега сум ниту сум бил член на партија. Во Гостивар ме знаат многу добро. Имам пријатели во сите партии и субјекти и така ме предложија – рече Џелили, кој тврди дека како повереник работел како професионалец, со цел градот да функционира во периодот додека нема градоначалник.

По интервјуирањето на кандидатите, до Собранието треба да биде доставена предлог-листа на кандидати за член на Судскиот совет. Собранието треба да избере замена за Селим Адеми, кому му истече мандатот, а претходниот оглас беше поништен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот